Промоција на единствената Антологија на македонската слем поезија

Вечерва со почеток од 19:00 часот во Културно информтивниот центар (КИЦ) ќе се одржи промоција на првата Антологија на македонската слем поезија.

Станува збор за единствената збирка поезија од ваков вид во која се поместени слем-песни од 10 слемер(к)и кои од самите почетоци на слемот во Македонија најактивно и континуирано настапувале на слем-настаните во организација на „Театарска работилница-Прилеп“, што е издавач на антологијата и Потери слем Македонија.

Поетите Цветанка Колева, Перо Сарџоски, Марија Грубор, Лиле Јовановска, Исток Улчар, Игор Трпчески, Горазд Кени Китановски, Афродита Николова, Аница Блажевска достигнале уважени признанија и го промовирале македонскиот слем во странство.

„На промоцијата ќе настапат застапените слемер(к)и и замислена е како пријателски слем-натпревар во формат на натпреварите на националните избори што секоја година се одржуваат во Прилеп на 10, 11 или 12 октомври (датумот се поклопува со Денот на востанието на Македонија, кој посебно се прославува во Прилеп)“, стои во соопштението од КИЦ.

Настанот е со влезници, а влезница ќе претставува секоја купена книга во издание на „Театарска работилница – Прилеп“, вклучително и слем-антологијата и слем-зборниците од националните избори, а средствата собрани вечерта ќе одат за поддршка на слем-сцената во Македонија.