Промоција на книгата „Скротителка на змејови“ – хаи[бун]наку од Дијана Петкова

„Скротителка на змејови“ – хаи[бун]накуата е новата книга од писателката Дијана Петкова што ќе биде промовирана во среда (19 октомври) во 19:00 часот во просториите на Домот за култура „Кочо Рацин“.

Станува збор за нова кратка/куса форма на изразување – вкрстувачки жанр што е измислен од самата авторка. Според описот се работи за егзистенцијалистички, медитативни, па дури и хумористични хаи[бун]накуата; се загледуваат во детството, животот, љубовта, зачинети се со фолклорни примеси и интертекстуално комуницираат со македонската книжевна традиција, тие се и автобиографски, а истовремено и сечиибиографски.

„Нејзините хаи[бун]накуа се раскази-слики, филмски кадри испишани со лингвистички дискурс, со фина и концизна нарација – Дијана Петкова демонстрира мајсторство во раскажувањето. Нејзините хаи[бун]накуа отвораат со многу моќни почетоци, привлекуваат и намамуваат на сигурен прочит. Во ‘Скротителка на змејови’ постои дури и хаи[бун]наку-молитва (‘Кивор’), со што авторката вкрстува и уште еден жанр на веќе вкрстениот жанр што го најавува“, пишува Елена Пренџова која ќе биде и промотор на книгата.

Во описот се додава и дека хаи[бун]накуто се разликува од хаибунот по тоа што содржи вклучување на едно или на повеќе хаи[на]ку или превртено хаи[на]ку во прозниот текст којшто може да биде составен од еден или од повеќе прозни параграфи.

Хаи[на]ку е кратка/куса поетска форма напишана во три реда. Во првиот ред еден збор, во вториот два збора, а во третиот три збора (сврзниците на се бројат). Превртеното хаинаку има обратен редослед. Во првиот ред содржи три збора, во вториот два, а во третиот еден збор.

Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи. Досега има издадено неколку збирки поезија меѓу кои и „Стефанија“, „Деца од свила“- поезија со детски цртежи, „Нова реалност за просторот“ и „Честичка свесност“ – хаику и хаига.