Промоција на романот „Водена приказна“ од Александар Кукулев

Новиот роман од авторот Александар Кукулев, „Водена приказна“ ќе биде промовиран утре во Спомен-собата на Миладиновци во градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Настанот ќе започне во 19:00 часот, а промотори е бидат проф. д-р Александар Даштевски, Јана Илиева и Софија Граматова Ристовска.

„Водена приказна” е современа приказна за последиците од Граѓанската војна во Грција. Горчливиот вкус на поразот и тажниот спомен за илјадниците раселени остануваат, оттргнати од заборавот токму во оваа книга. Писателот многу пластично, низ историски легенди како пример, ја отсликува вековната борба на Македонецот за создавање на своја сопствена држава, користејќи ги како урнек болните страдања и поедини лични македонски судбини, но и современото живеење на Македонецот во Грција“, пишува во описот за книгата.

Александар Сашко Кукулев е новинар, публицист, прозаист, сценарист. Пишува поезија, проза и работи на филмски сценарија. Автор е на поемата „Jazz“, а „Водена приказна” е негов трет роман. Добитник е на бројни награди и признанија од областа на публицистиката и литературата.