Промоција на романот „Најосаменото место“ од Симеон Јанков во среда во „Буква“

Со почеток во 20 часот во среда (27 април) во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоција на романот „Најосаменото место“ од Симеон Јанков во издание на „Или-Или“.

Промоторка на романот е Фросина Пармаковска. Taa вели дека ова е роман за вртоглавите патувања низ најмрачните сокаци во човековата психа, за најосаменото место каде животот го вперува своето огледало во смртта, а смртта испушта еликсир што ја опива душата со љубовта кон „мртвата сакана“.

„Главниот лик е плетач на приказни, сонувач на минати времиња, гледач на неми филмови, собирач на трепки и на мртви љубови и конечно, цртач на извонредно тенки линии помеѓу она што вистински е и она што само така изгледа. Одлично изграден лик, по малку чудак, по малку мрачен, по малку фантазер, но исклучително несекојдневен и интригантен лик кој во комбинација со занимливата приказна и прекрасниот начин на нејзино раскажување од самиот лик (роман во 1во лице) го произвеле „најосаменото место“ како уникатна must-see дестинација што топло ја препорачувам. Симеон Јанков, е веќе потврден раскажувачки водич кој има, и тоа како, што да каже, што да покаже и извонредно креативни начини како да го поведе читателот во неповторлива книжевна авантура!“, објаснува Пармаковска.

Инаку, Јанков дипломирал Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Тој е автор на романот „Црна шума“, објавен во 2019 година.