Промоција на книгата „Пештера“ од Максим Ристески

Во понеделник (17 октомври) од 20 часот во Културно-информативниот центар- Скопје ќе биде промовиран дебитантскиот роман „Пештера“ од Максим Ристески во издание на „Или-Или“.

Книгата ќе ја промовираат Игор Анѓелков и Владимир Мартиновски.

„Во романот  „Пештера” е особено маркантен интертекстуалниот елемент, во кој во преден план се ставени судбините на протагонистите исправени пред крупни одлуки, а меѓу многубројните интертекстуални назнаки и алузии доминираат библиските. Оттука, би можеле да констатираме дека романот на Ристески во многу елементи е нестандардно и оригинално дело во современата македонска литература“, велат од КИЦ-Скопје.

Максим Ристески (Скопје, 1973) со пишување се занимава повеќе од 30 години, како новинар, копирајтер, текстописец, сценарист… Бил музичар, а продолжува да се занимава и со ликовна уметност. „Пештера“ е негов прв роман.