Премиера на „Тајните архиви на градот“ во Кинотека

На 10-ти август со почеток во 20:00 часот, премиерно ќе биде прикажан вториот краток филм за “Старо Скопје”, “Раѓањето на градот”, чиј автор е Катерина Габунија, а носител на проектот НУФЦ Вардар Филм – Скопје.

Филмот ќе биде прикажан  во склоп на фестивалот на нем и класичен филм кој за прв пат ќе биде организиран во соработка со Кинотеката на Северна Македонија и здружението Кино Балкан.

Проектот „Тајните архиви на Скопје -Раѓањето на градот” е инициран, режиран и координиран од Катерина Габунија, монтажата и изборот на музика е на Мартин Никлески, дигитализацијата и дигиталната обработка на Александар Трајковски и дизајнер на звук Сашко Потер Мицевски.

„’Раѓањето на Скопје’ претставува колаж од дигитализирани 8 милиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје. Нивните приказни, креираат емотивна, забавна но и носталгична филмска сторија за Скопје и Скопјани раскажана низ најважните периоди од животот на еден човек. Младоста полна елан и љубов, периодот на созревање и градење дом и семејство и раѓањето на нов живот се клучни елементи на овој видео колаж“, се вели во соопштението на Габунија.

Процесот на реализација на овој проект започна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8 и супер 8мм ленти. Се продолжи со Дигитализација и дигитална обработка на истите а потоа се премина кон монтажа на слика и звук.

Проектот “Тајните архиви на Скопје” доби поддршка за реализација и на трет дел. Па со таа цел авторката се обраќа до граѓаните на Скопје, кои во своите домови сеуште чуваат 8 и супер 8 милиметарски филмски ленти, да ги донесат своите ленти во просториите на НУФЦ Вардар Филм или да и се обратат директно на авторката на проектот, на мејл адресата: katerinagabunija@gmail.com или на 070 341 463.

Таа додава дека граѓаните кои со  своите ленти ќе учествуваат во проектот, ќе добијат  свои дигитализирани копии и секако ќе бидат дел од еден интересен филмски колаж.

„На овој начин преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8 и супер 8 мм) од домашната архива на Скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи“, стои во соопштението на авторката.