[Фото] Започна петтото издание на „Beach Film Festival“ во Охрид

На отворено небо во амфитеатарот на една од најголемите средновековни цркви во регионот „Св. Софија“, десетици граѓани вечерва го проследија отворањето и првиот ден од петтото издание на Фестивалот за нов европски филм „Beach Film Festival“ во Охрид.

„Сонце, плажа, вода, еден куп сладоледи, ладно пиво, ладен сок за тие што не пијат, сето тоа не потсеќа само на едно нешто – лето, и секој има од нас перфектна слика за тоа како неговото лето изгледа. Е сега, замислете од таа ваша перфектна слика да извадите само едно нешто, веднаш се губи магијата, така? Сакам да се вратите на таа перфектна слика и да замислите дека можеме да додадеме нешто, нешто што ќе одговара на сечија слика и нешто за кое што сме оваа вечер сите заедно, и во наредните четири ноќи“, на овој начин беше отворен „Beach Film Festival“.

На отворањето беше најавено и тричленото жири кое треба да ги додели филмските наградите, односно Кавех Захеди, Фред Келемен и Срѓан Драгојевиќ.

За време на овогодишното издание, организаторите најавија и награда за најдобар студентски филм, за која посочија дека ќе ја даде самата публика.

фото: Радио МОФ

Селекторката на фестивалот Ана Василевска, посочи дека со директорката на фестивалот одлучиле на филмовите на овогодишното издание да им се даде некаква „медитеранска нота“, па така, посочи дека долгометражните филмови на фестивалот се од земји како Италија, Португалија, Грција, Шпанија и Словенија.

Вечерва на фестивалот се одржува и проекција на грчкиот филм „A Simple Man“, во која главна улога имаат Такис Сакелариу, Катерина Папанастасатоу и Христос Стрепкос. По проекцијата на филмот предвиден е и сет на диџеј Дамјана.

Фестивалот ќе трае до 24 јули, а ќе се одржи уште на три локации, на плажата „Славија“, Музејскиот културен центар „Лапидариум“,  и на бродот „Армада“.

За време на целиот настан предвидени се филмски проекции, музички настапи и работилници.

Мартин Колоски