„МакеДокс“ отвори повик за филмска работилница и МакеКоПроДокс форум

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ објави два отворени повици за учество во филмска работилница и форум за презентирање на филмски идеи.

Првиот е повик за учество на работилница за развој на идеи со данскиот консултант за документарни филмови и филмски критичар, Туе Стен Милер. Повикот е наменет за за режисери и продуценти со кратки или долгометражни креативни документарни проекти во развој што се продуцирани или копродуцирани во Грција, Албанија, Бугарија, С. Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија и Турција.

Работилницата ќе трае три дена и ќе содржи групна сесија и мастерклас (20август), индивидуални сесии (21 август) и групна сесија и презентација на проектите (22 август). Од организацијата информираат дека сите сесии од работилницата ќе се одржат во живо во Скопје, на англиски јазик. Работилницата е бесплатна. Учесниците треба сами да си ги покријат трошоците за пат и сместување.

Пријавата за учество треба да се пополни преку формуларoт објавен на веб-сајтот на „МакеДокс“  а рокот за пријава е до 15 јули. На крај од работилницата од учесниците ќе се изберат шест проекти за развој.

Вториот повик е за учество на „МакеКоПроДокс форум 2022“ наменет за продуценти/автори со долгометражни креативни документарни проекти.

„Форумот има за цел да развие стратешки план за зајакнување на копродукциите на документарниот филм помеѓу земјите од Балканот. На форумот ќе присуствуваат претставници од 12 регионални филмски агенции, документарни филмски професионалци и 10 проекти во различна фаза на продукција“, се вели во повикот.

Форумот има и менторски дел за проектите што се состои од работилница за презентирање на идеи со Бриџид O’Шеа, основач на Документарната асоцијација на Европа (онлајн, пред форумот), како и сесии за презентирање на идеи и еден-на-еден состаноци на 22 и 23 август.

За учество на форумот може да аплицираат продуценти/автори на документарни филмови со аудиовизуелни проекти во фаза на продукција или постпродукција од С.Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција.

Пријавата за учество се пополнува преку овој формулар, а рокот за пријава е до 15 јули.

Организаторите информираат дека изборот на доставените проекти ќе го изврши комисија за проценка, земајќи ги предвид критериумите за подобност. Резултатите ќе бидат објавени преку е- пошта и на веб-сајтот на „МакеДокс“ не подоцна од 1-ви август.

Фокусот на тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е ставен на развој на идеи. Фестивалот ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје.