Друштвото на филмски работници на Македонија отвори повик за нови членови

Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) објави повик за прием на нови членови во секциите режија, продукција, камера, сценографија, костимографија и шминка, тон и монтажа и анимиран филм.

„Кандидати за членови на ДФРМ можат да бидат младите, идни филмски работници по завршувањето на школувањето во соодветните училишта и факултети, како и лицата кои ќе се докажат низ своите филмски дела“, стои во повикот.

Од Друштвото информираат дека годинава за прв пат се отвора и секција за сценаристи, па сите млади ентузијасти може да аплицираат и како кандидати за членови во оваа секција.

Заинтересираните кандидати своја кратка биографија можат да испратат до крајот на 2022 година, на е-адресата: contact@dfrm.org.mk, a повеќе информации за критериумите за прием на нови членови може да се најдат тука.

Друштвото на филмските работници на Република Македонија е здружение на граѓани, основано на 21 мај 1950 година. Здружението се состои од филмски работници од Македонија и има својство на правно лице. Основните цели на Друштвото се остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци кои делуваат на територијата на Македонија и во странство. Друштвото е иницијатор, основач и организатор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Покрај тоа, ДФРМ е иницијатор, основач и организатор и на филмската ревија „Златна рамка“ која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година финансирани од буџетот на РСМ.