Тонкица Митровска, Јовица Михајловски и Трајче Величковски добитници на почесните награди на „Златна рамка“

Друштвото на филмски работници кое ја организира манифестацијата „Златна рамка“ ги додели почесните награди за најдобар филмски автор, актер и филмски работник.

Добитникот на почесната награда за филмски автор на годината е Тонкица Митровска, дипломиран графичар и еден од првите автори на анимиран филм. Почесната „Златна рамка“ пак, за филмски работник ја доби Трајче Величковски, кој во изминатата декада работи на најголемите филмски проекти.

Истовремено, „Златна рамка“ за филмски актер ја доби Јовица Михајловски, еден од актерите кои имаат изиграно најмногу улоги во македонските филмови во овие три децении.

Почесните награди, како што посочуваат организаторите, ќе им бидат врачени на наградените на официјалната церемонија за доделување на „Златна рамка“ која ќе се одржи во сабота, на 26 јуни.

Минатата година, ваква награда добија Игор Поповски, Ирена Јовчевска и Сара Климоска.

Инаку „Златна рамка“ годинава се одржува по трет пат, во период од 25 до 27 јуни во Младинскиот културен центар и Кинотеката на Северна Македонија.