Со асфалтот во Градскиот парк се адаптира тартан патека, тврдат од „Улици и патишта“

Директорот на ЈП „Улици и патишта“ Борис Настов вели дека теренот во Градскиот парк во Скопје се адаптира со тартан и ризла за пристапност на сите граѓани, по вчерашното асфалтирање на пешачките патеки околу малиот лавиринт кое предизвика бројни реакции.

Настов посочи дека вчера почнале со реконструкција на патеките во делот кај лавиринтот во паркот и додава дека „непотребни се тензии во почетната фаза на реконструкцијата дури не се заврши целосно“. Тој тврди дека патеката околу лавиринтот „се обложува за бондирање и ќе биде покриена со тартан материјал“.

„Останатите патеки кои се со оштетен асфалт само се реконструираат со нова асфалтна маса и онаму каде што ќе биде потребно заради поголема пристапност на барање на граѓаните. Патеките кои се со ризла ќе бидат обновени со нов слој ризла, затоа апелирам до граѓаните за трпение при изведба на работите дури да се дојде до крајниот резултат и сигурен сум дека ова ќе биде најпријатното катче од Градскиот парк и за најмладите генерации, за лицата со физичка попреченост и за сите останати граѓани кои досега имале отежната пристапност во тој дел“, вели Настов.

Дополнително, од ЈП „Улици и патишта“ велат дека работните активности за реконструкција на патеките во паркот продолжуваат со ист интензитет, додавајќи дека моментално се работи на обнова на ризлата на првиот дел од паркот.

По асфалтирањето на пешачките патеки околу малиот лавиринт, вчера имаше бројни реакции од јавноста, а реагираа и од платформата за македонска архитектура „МАРХ“. Оттаму рекоа дека „зачудува неразбирањето на дизајнот на овој простор од надлежните“.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска претходно посочи дека во првиот дел од Градскиот парк е предвидена реконструкција на пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 метри квадратни.

„Не секоја патека треба да се асфалтира“ – реакции за асфалтирањето во Градскиот парк