Отворена Правна клиника за антикорупциско право на Правниот факултет во Скопје

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ вчера беше презентирана Правната клиника за антикорупциско право. Станува збор за прва таква правна клиника на факултетот, но и во државата.

Автори на наставната програма за Правната клиника за антикорупциско право се проф. д-р Гордана Лажетиќ и проф. д-р Ана Павловска-Данева, а рецензија на финалниот производ даде проф. д-р Борче Давитковски. Во проектот како соработник учествуваше и м-р Константин Битраков.

Од Правниот факултет сметаат дека со ова ќе се создадат генерации правници кои ќе бидат остручени и доволно вешти да започнат со практична работа во органите кои го спроведуваат антикорупциското законодавство.

Инаку, станува збор за програма која на студентите ќе им овозможи работа на реални случаи, нешто што за нив претставува новина, како што претставува и студијата на случај. Покрај тоа, студентите инволвирани во Клиниката, заедно со своите ментори редовно ќе ги следат сите предлог-закони влезени во собраниска процедура, со цел да детектираат евентуални основи за преземање на коруптивни дејствија, односно дискрециски овластувања. Доколку тоа е случај, Правната клиника ќе му укаже на Собранието на Република Македонија дека соодветниот (предлог) законски текст треба да претрпи измени.

Студентите ќе земат учество и во симулација на судење, а покрај тоа ќе имаат можност и да пишуваат магистерски тези од соодветната научна област. Клиниката, ќе оствари и соработка со средните правни училишта и гимназиите. Поточно, студентите ќе можат на учениците од завршните години да им одржат предавања и презентации за корупцијата како општествен феномен и правен поим, односно начините за дејствување против неа.

Клиниката ќе започне да работи од идната година, а студентите ќе можат да се пријават за учество во нејзините активности.

Извор: Академик