ООН: Климатските промени може да ги зголемат конфликтите во светот

Генералниот секретар на Обединетите нации (ООН) Антонио Гутереш предупреди дека климатските промени можат да ја зголемат нестабилноста, насилството и конфликтите во светот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Говорејќи на седницата на високо ниво, со која претседаваше британскиот премиер Борис Џонсон, Гутереш привлече внимание на фактот дека во последните години се измерени највисоките температури во историјата на човештвото.

„Таму каде што климатските промени ги сушат реките, ги намалуваат жетвите, ја уништуваат инфраструктурата и ги раселуваат луѓето, ризиците од нестабилност и конфликти исто така се зголемуваат“, предупреди Гутереш, додавајќи дека глобалното затоплување ќе ги зголеми кризите.

Истакнувајќи дека осум од десет земји кои се погодени од војни и конфликти, исто така се погодени и од климатските промени, тој додаде дека повеќе од 50 милиони луѓе се занимаваат со сточарство во западна Африка и во регионот Сахел, и дека промените на пасиштата предизвикале поголемо насилство меѓу пастирите и земјоделците.

Гутереш исто така посочи дека раселувањето веќе започнало поради климатските промени ширум светот. Истовремено тој ги повика развиените земји да ја исполнат својата обврска да доделат 100 милијарди долари на земјите со ниски приходи за помош во борбата против климатските промени и за намалување на јаглеродните емисии.