Околу 10.000 објекти во кичевскиот регион се погодни за поставување на фотоволтаични електрани

Во Кичево и околината зимите се благи, а летата свежи со средни врнежи и влажност на воздухот. Надморската височина од 695 метри и временските услови овозможуваат токму во овој регион да се произведува сончева енергија.

Овде има околу 9.930 ниски објекти со кровна конструкција каде може да се постават фотоволтаични електрани, забележува поранешниот директор на Електрани на Северна Македонија и професор, Драган Миновски во своја анализа за „Еко свест“.

Драган Миновски

На 9 километри од Кичево се наоѓа и една од двете термоелектрани во земјата – ТЕЦ Осломеј, која поради ограничените резерви на јаглен во изминатите години сè помалку е во функција и сè помало е производството на електрична енергија од неа. Таа е во сопственост на АД ЕСМ и произведува околу 10% од домашното производство на електрична енергија. Отворена пред 41 година, ТЕЦ Осломеј се состои од еден блок со вкупна инсталирана моќност од 125 MW, користејќи го локалниот лигнит од рудникот Осломеј.

„Предизвиците се навистина големи за целиот кичевски регион со оглед на енергетската транзиција која ќе биде многу актуелна во наредниот период и во наредните години, што го прави овој регион многу погоден за сè помасовно производство на електрична енергија од фотоволтаични електрани и нивно поставување на кровните конструкции на домовите“, верува Миновски.

Енергијата од јаглен е скапа и нечиста енергија, уверува тој.

„Ако при пресметките се земат во предвид сите трошоци директни и индиректни, таа едноставно е прескапа и неисплатлива за производство“, истакнува Миновски.

„Покрај директните трошоци, како што се трошоците за ископ на јагленот, негова испорака, согорување и оперирање во термоелектраните, ако се земат и индиректните трошоци како трошоците за влијанието врз животната средина, влијаните врз здравјето на луѓето, трошоците за здравствена заштита на населението во околните региони, влијаните врз почвата и змејоделието, како и останатите влијанија, ја прават енергијата произведена од јагленот многу, многу скапа, неколкупати поскапа од енергијата произведена од фотоволтаичните електрани“, додава тој.

Посочи на примерот каде цената на електрична енергија од термоелектраните на јаглен во нашиот регион без да бидат вклучени трошоци за влијаните врз животната средина е на ниво од околу 60€/MWh (евра за мегават час). Наспроти ова, деновиве во Португалија се одржала аукција за откуп на електрична енергија од фотоволтаични електрани, на која била понудена цена од само 25 €/MWh (евра за мегават час), или речиси 3 пати пониска цена од цената на електрична енергија од јаглен.

„Ова едноставно дава одговор, каде треба да се движи равојот на нашата енергетика во наредниот период“, вели Миновски.

Тој смета дека времето и важноста на јагленот е завршено. Електраните на јаглен и рудниците на јаглен и лигнит од година во година во Европа се затвораат, а застапеноста на обновливите извори на енергија секојдневно расте.

ТЕЦ Осломеј

Кога станува збор за ТЕЦ Осломеј, без рудните наоѓалишта во околината на Поповјани, можностите на оваа термоелектрана се да произведува електрична енергија за уште 2 години, тврди Миновски.

Иако постојат повеќе студии за нејзина модернизација и адаптација, неговото мислење е дека најсоодветно решение е изградба на фотоволтаични електрани на местото на постојните рудници и на сите слободни површини околу самата електрана и производство на чиста електрична енергија од сончевата светлина која нема да влијае врз животната средина.

„Исто така, со оглед на постојната инфраструктура во постојната електрана Осломеј, како и фактот дека во рамките на ТЕЦ Осломеј функционира фабрика за ремонтни активности – ФОД, која има обучен кадар, но и опрема, во рамките на ТЕЦ Осломеј најсоодветно би било да се отвори фабрика за производство на фотоволтаична опрема (фотоволтаични панели, инвертери, како и пропроатна опрема), со што едноставно Кичево и ТЕЦ Осломеј би биле еден фотоволатичен центар на нашата земја“, предлага Миновски.

ЕУ регулативите наложуваат намалување на емисиите на CO2 за помалку од 40% до 2030 година. Во новата Стратегија за развој на енергетиката на Република Северна Македонија, пак, се предвидува постепено напуштање на производството на електрична енергија од постојните термоелектрани и развој на нови чисти технологии со цел задоволување на домашните потреби.

Поголем поттик за инвеститорите

Државата генерално има голем број на соларни часови, односно период кога панелите произведуваат најмногу струја. Но, сегашната искористеност во однос на изградени централи е мала, потврдува Александар Момироски, еден од основачите на компанијата „Солар Дата Колектор“.

„Во моментов просечниот граѓанин не толку лесно може да пристапи кон изградба на мини фотоволтаична централа. Тука се јавува доза на незапознаеност со индустријата и големите очекувања од инвестицијата (брз поврат на пари). Повеќе македонски банки и институции нудат кредити за изградба на централи за домаќинстава, но одзивот на нив не е како што е очекувано“, смета Момироски.

Пред три години, заедно со Дамјан Постоловски, тогаш матуранти, започнаа стартап со кој победија на македонскиот предизвик на НАСА, подоцна беа избран меѓу седумте најдобри на финалето на Светскиот натпревар за вселенски иновации во САД, а на крај склучија и соработка со ЕСМ за да го користат нивниот изум. Михаил Арсовски, пак, е нивен надворешен соработник во делот за електротехниката.

Тимот во посета на технолошкиот саем SpaceCom EXPO во Хјустон, Тексас

Станува збор за продукт што ја мери количината на сончева енергија на дадено подрачје и како што објаснува Момироски, со 98% сигурност ја проценува исплатливоста на инвестицијата во соларна енергија. На овој начин, овозможува избор на идеалната локација за поставување на фотоволтаици преку користење на сензори. Продуктот може да се користи и од страна на компании или домаќинства, но и за големи стратешки проекти на државно ниво.

„Солар Дата Колектор се состои од два дела од кои едниот е софтверскиот дел – апликацијата, а другиот е хардверскиот дел – уредите. Софтверот е прилагоден да помогне на клиенти од сите бранши да го проверат потенцијалот на своите локации без големи технички познавања. Дополнително софтверот е приспособен да обавува мониторинг на веќе постоечки централи и оптимизација на истите. Со мониторингот и оптимизацијата на централите, сопствениците на истите можат да го зголемат производството од 5 до 10% што во некои случаеви надминува и десетици илјади евра. Хардверот е тесно поврзан со софтверот и иститот се користи кога се работи за големи проекти однсно централи над 1Мw“, објаснува Момироски.

Тој смета дека има напредок изминативе години во искористување на сончевата енергија, споменувајќи ги јавните повици на Владата за инвестиции во фотоволтаични централи – едниот за искористување на сопствено земјиште со повластена тарифа, а другиот за давање на државно земјиште под концесија.

Сепак, тој посочува дека во иднина треба да се обрне внимание околу стимулирањето на граѓаните да се впуштат во инвестиција во фотоволтаични централи и нивно запознавање со индустријата.

Ни треба функционален пазар 

За мала земја со неразвиен и неликвиден пазар на електрична енергија, државата бележи сериозен напредок во искористување на обновливите извори на енергија (ОИЕ), забележува Соња Ристеска, проектен менаџер за Југоисточна Европа при организацијата Агора.

Според Енергетската заедница, државата скоро ја достигнала целта поставена за 2020 година за производство на електрична енергија од ОИЕ. Исто така, според Меѓунардоната енергетска Агенција, државата од 3 GWh производство на струја од сончева енергија во 2012, за рекордни 5 години во 2017 достигнала 24 GWh, посочува Ристеска.

Фото: Енергетска Заедница на ЈИЕ (2020)

Меѓутоа, според неа, тоа не го порекнува фактот дека земјата е далеку од искористување на своите потенцијали со оглед дека нискокалоричниот лигнит води со скоро 60% од тоталното производство на електрична енергија.

„Она што Македонија треба да го прави е првенствено да продолжи со забрзана имплементација на регулативите и директивите од Европската Унија преку членството во Енергетската заедница кои се однесуваат на намалување на загадувањето од РЕК, формирањето на ден-претходно пазар (day ahead market), поврзувањето со соседите (ткн. market coupling), подобрувањето на регулативата за поддршка, особено на мали произведувачи од ОИЕ и домаќинствата (ткн. просумери), продолжувањето со пазарно ориентираните методи за поддршка на сончева енергија и нивно проширување и кај ветерната (Македонија во моментов има аукции или фидинг премии само за фотоволтаици не и за ветерни паркови), олеснување на комплицираните административни процедури со креирање „one-stop-shops“, или со други зборови потребно е да има стабилна и функционална регулаторна и административна рамка која што ќе влее доверба кај приватните инвеститори дека ќе имаат поврат на инвестицијата во овој сектор“ појаснува Ристеска.

Таа апелира до новата Влада, како и Регулаторната комисија, да побрзаат со воспоставувањето на функционален пазар и поврзување со соседите за како што вели, да може да се создат услови за појава на нови пазарни играчи и инвеститори во ОИЕ, од дома и странство.

Сам свој произведувач на струја

Во својата програма за работа во идните четири години, Владата најави амбициозен план со кој над 50% од вкупната инсталирана електрична моќност во државата ќе биде од обновливи извори на енергија.

„Ќе ја зацврстиме нашата енергетска независност и стабилност со нови производни капацитети на електрична енергија и нови енергетски интерконекции со нашите соседи. Паралелно со тоа, ќе ги намалиме емисиите на штетни гасови од енергетските извори за преку 20%“, стои во Програмата.

Во неа се споменуваат најавените 400МW фотоволтаични електрани, во домашниот електроенергетски систем, со кои се очекува да се произведат околу 10% од вкупното домашно производство на енергија, при што би се намалиле емисиите на СО2 во животната околина за околу 750.000 тони на годишно ниво. Вкупната очекувана инвестиција за ова би била на ниво од околу 250 милиони евра.

„Од нив, планираме 100MW да бидат развиени во ТЕЦ Осломеј. Владата ќе поттикне иновации во фотонапонската технологија. Со овие политики ќе влијаеме и на отворање нови работни места за стручните кадри во нашата држава“, стои во владината Програма, иако без подетални информации би изгледало ова.

Минатиот месец се одржаа неколку протести низ повеќе градови во државата против поскапување на струјата од 7,4%. Граѓаните преку онлајн петиција бараа да се укине оваа одлука, а меѓудругото, бараа и законско решение за загарантиран откуп на електричната енергија од фотоволтаици произведена од домаќинствата и нејзин откуп во сооднос 1:1. Но, досега ова барање не беше диксутирано од властите.

Со новиот Закон за енергетика е овозможени и домаќинствата да постават фотоволтаични електрани на своите домови и дел од енергијата да ја користат за сопствени потреби, а вишокот на произведена електрична енергија да ја предаваат (односно да ја продаваат) во елекроенергетскиот систем.

Сепак, ова не е целосно достапно за обичните граѓани, вели Миновски. Домаќинствата ќе треба да бидат снабдувани со електрична енергија од некој друг снабдувач со електрична енергија на слободниот пазар, односно нема да можат да бидат снабдувани од страна на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, појаснува тој.

„Првата бариера за домаќинствата при поставувањето на фотоволтаичните електрани на домовите е административната процедура при самите барања за електроенергетско поврзување и градба на кровната конструкција. Втората бариера е разликата во цената на електрична енергија која домаќинствата би ја имале на слободниот пазар, која е скоро два пати повисока во однос на цената на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме“, нагласува Миновски.

Ова значи дека во периодите кога нема да има производство на електрична енергија од страна на фотоволтаичната централа (во ноќните часови, при облачно време,..) овие домаќинства ќе имаат скоро два пати повисоки цени за потрошената електрична енергија.

Според актуелните цени, инвестираните средства за изградба на фотоволтаичните електрани поставени на домаќинствата, се враќаат за околу 10-тина години, што ги прави многу неатрактивни, смета Миновски.

„И третата, најголема бариера, е неможноста да се најде снабдувач за домаќинствата доколку би излегле на слободниот пазар. Домаќинствата се мали потрошувачи на електрична енергија, споредено со индустриските потрошувачи, за снадбувачите на слободниот пазар. Малата потрошувачка на електрична енергија, како и вишоците на електрична енергија кои би ги произведувале во одредени периоди, кои се доста непредвидливи, едноставно ги прават домаќинствата неатрактивни за снабдување со електрична енергија за снабдувачите на слободниот пазар“, образложува тој.

Ристеска, пак, вели дека и понатаму важи веќе застарено мислење дека домаќинствата првично треба за себе да произведуваат.

„Со релативно ниски цени на електрична енергија немаат домаќинствата поттик самите да сменат нешто. Оттука потребата за таргетирана поддршка за стимулирање не на домашното користење на струјата од фотоволтаиците, туку нејзино предавање во системот во одредени саати од денот итн“, верува таа.

Според Ристеска, државата својот неискористен потенцијал кај малите кровни фотоволтаични инсталации би можела навистина да го искористи само доколку се одлучи дека домаќинствата се важни во енергетската транзиција и во нејзиниот пат кон ЕУ.

Емилија Петреска