Владата ќе субвенционира производство на струја од сончева енергија за компании

Владата соопшти дека ќе финансира компании кои ќе користат струја од сончева енергија, а за возврат ќе добијат државно земјиште.

„Идејата е да се изградат 200 мегавати поддржани од Владата, поддршката ќе биде согласно премиум тарифите, тоа значи дека сите инвеститори на фотоволтаични електрани својата електрична енергија ќе ја продаваат на слободниот пазар, а од државата ќе бидат потпомогнати со т.н премиум, што функционира во сите развиени земји во Западна Европа, и тој премиум на крајот на годината ќе биде плаќање, за да овие проекти бидат пофизибилни и поисплатливи за идните инвеститори“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Посочи дека премиумот ќе биде и критериум на тендерот, што ќе биде транспарентен, а аукцијата ќе биде електронска, со негативно наддавање. Тоа, според него, значи дека секој што ќе сака да инвестира во фотоволтаична електрана, ќе има два модела, ќе може да учествува на аукција со претходно задоволени технички минимални критериуми што нема да бидат многу строги, со цел да се отвори поширок фонд на инвестиции.

„Тој што ќе побара помала субвенција, односно премиум од страна на државата, а притоа да ги исполнува техничките карактеристики и критериуми во тендерската постапка, ќе биде добитник на локацијата за која ќе се издава одобрение за градба за фотоволтаична електрана“, истакна Анѓушев.

Тој рече дека од аспект на урбанизација, на трансформација на земјиште, како и приклучок на мрежа, државата ќе ја преземе грижата во овој дел на постапките.

„Првиот модел на кој ќе се прават фотоволтаични електрани е на државно земјиште, за што ќе распишеме транспарентна аукција од 35 мегавати во прва фаза. За таа цел одбравме две локации, едната локација е во Свети Николе. На таа локација ќе имаме парцели на кои може да се изгради една десет мегаватна фотонапонска електрана, една петмегаватна, две четиримегаватни, и шест по еден мегават. Оваа поделба на локации е со цел да има за сите типови инвеститори. На тој начин овде ќе бидат изградени 25 мегавати. Втората локација што ја одреди државата е регионот на Македонски Брод, каде парцелата ќе се подели на две локации од по пет мегавати“, појасни Анѓушев.

Образложи дека секој понудувач ќе понуди за конкретна парцела, при што критериумите нема да бидат многу строги, ќе се бара компанијата да има само позитивен бонитет, сопствениците и компанијата да немаат кривични дела, и ќе се бара да имаат одреден промет, од 500 евра по инсталиран киловат, што значи дека за еден мегават ќе треба да имаат промет околу 500.000 евра, кумулативно, во три години, а доколку е конзорциум, тоа значи сите компании заедно.

Покрај ова, од Владата најавија дека ќе се oвозможи и изградба на електрани на приватно земјиште со вкупна инсталирана моќност од 27 мегавати, за помали инвеститори кои планираат електрани од 0-200 киловати, од 200-500 киловати, од 500-1.000 киловати и од 1.000 до 3.000 киловати.

Сега во земјава од сончева енергија се произведуваат 18,4 мегават часови струја, а со програмата за изградба на новите фотоволтаични централи се очекува до крајот на 2021 година да се произведуваат 200 мегават часови електрична енергија. Државата би трошела по три до четири милиони евра годишно за субвенции.

Министерот за економија Крешник Бектеши информира дека е креирана и усвоена Програма за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премии. Со оваа програма се уредува вкупната инсталирана моќност на фотонапонски електроцентрали, која не можа да биде поголема од 100 МW, за кои ќе се доделува премија по спроведена тендерска постапка и склучени договори за користење на премија во 2019 година.

„Износот на средствата потребни за исплата на премиите за произведената и продадената електрична енергија во 2019 година е утврден во Буџетот на Министерството за економија и изнесува 30 милиони денари (~22 400 евра). Овие средства се наменети за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија како дополнителен износ на цената која ја оствариле со продажбата на произведената енергија на пазарот на електрична енергија. Максималниот референтен износ на фиксна премија за производство на електрична енергија во 2019 година изнесува 15 евра од мегават час за фотонапонски електроцентрали“, рече Бектеши.

Според опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, „дрвото е криво насадено уште во самиот закон за енергетика“, каде што е предвидено ова производство да биде субвенционирано од државата. Оттаму велат дека ваквиот принцип на поттикнување на производство на електрична енергија е крајно проблематичен поради следните причини:

„Прво, оптоварување на сите граѓани на Република Македонија со скриен трошок кој нема да се види во сметките на електрична енергија туку ќе биде директен товар на буџетот на Република Македонија, кој повторно го полнат граѓаните. Според Член 11 од Уредба за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, планот е буџетот да се оптоварува во временски период од 15 години. Значи цели 15 години сите ќе ги плаќаме овие субвенции, независно од тоа дали и колку трошиме електрична енергија.

Второ, самиот концепт на премиуми е далеку од концептот на либерализирани пазари на електрична енергија. Со овој концепт се стимулира производството со дополнителни средства, независно од моменталната пазарна цена на електричната енергија. Воопшто не e нереална ситуацијата државата да одвојува дополнителни средства за производство во периоди на висока цена на берзите на електрична енергија. Почитувани, замислете дека при цена од повеќе од 100 евра по мегават час на пазарите на електрична енергија, државата дополнително ќе дава средства на овој производител иако истиот веќе ја продал по релативно висока цена. Да, вистина е тоа што тврди вицепремиерот, дека целиот свет субвенционира производство на електрична енергија од обновливи извори, но заборави да каже дека целиот свет се обидува тоа да го направи на паметен начин, притоа доближувајќи ги овие производители до пазарните принципи. Пример за тоа се т.н. “Договори за разлика” кој се применува во Велика Британија, при кои повластениот производител добива субвенција за разликата помеѓу постигнатата цена на пазарот на електрична енергија и таа што е определена со премијата, односно разликата меѓу извршната и пазарната цена им овозможува на производителите да ги повратат дополнителните трошоци кои се поврзани со примена на дадена технологија“, стои во реакцијата на опозицијата.

Од Влада најавија дека наскоро ќе биде објавен јавниот повик за изградба на фотонапонски електроцентрали со користење на премија на локации за кои веќе е утврден потенцијал за производство на електрична енергија, а воедно ќе бидат доделени и посебни премии на приватни земјишта преку транспарентна и конкурентна процедура. Со техничка помош од ЕБРД е подготвен првиот драфт на тендерската документација за спроведување на постапката за избор на повластени производители од обновливи извори на енергија кои ќе користат премии.