Нов простор за едукација и дружење на млади отворен при библиотеката „Свети Климент Охридски“ во Битола

Битолската библиотека „Свети Климент Охридски“ доби нов библиотечен простор „Дневна соба на градот“ каде младите и другите генерации може да се среќаваат, учат и да се дружат.

„Денес современите библиотеки станаа семоќни извори на информации, мултифункционални простори за сите возрасти, со еден збор – библиотеките се за сите. Токму со оваа отвореност кон граѓаните може да се пофалат Битола и Битолската библиотека, каде што библиотекарската традиција има длабоки корени, а во 1860 година е отворено првото читалиште во овој град“, изјави денес на отворањето на просторот министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска. 

Таа додаде дека мултифункционалниот центар ќе понуди програми за квалитетно поминување на слободното време, литература за сечиј вкус, можности за истражување, дружење и социјална комуникација, но, пред сѐ, ќе биде пријатно место за едукација и за размена на искуства.

Новиот библиотечен простор, во светот препознаен како „Community hub“, се отвора во согласност со заложбите на Светската организација на библиотеки, со поддршка од Министерството за култура.