[Став] Критичката настава ги оспособува младите за општествена трансформација

Новите генерации не можат да го променат светот ако наставниците на своите ученици  им даваат само модели за „повторување“ на деловни и општествени проекти, и со тоа само да го репродуцираат постојниот општествен поредок.

Концептот на „модел“ е мошне корисен и претставува слика која често се користи или се злоупотребува во научните објаснувања, во образованието, во воспитувањето, во организациските практики итн. Исто така, во наставата често се користат модели за развој на деловни и општествени проекти (алатки за моделирање), кои исто така се злоупотребуваат, и тоа најчесто во форма на платно на деловен модел и многу негови варијации во изминативе две децении.

Можеме да се согласиме дека бизнис моделирањето со користење на платно е одлична алатка за деловно и проектно планирање како и за дидактички цели на наставниците и консултантите. Но, тука има и некои опасности во однос на некритичката употреба на моделот(ите).

Платното на деловен модел (многуте негови верзии) има однапред определена структура која се потпира на повеќе имплицитни претпоставки, нуди ограничена листа на зборови што се користат во описот на моделот и во упатството за негово користење.

Исто така, тоа е поставено во една културна и идеолошка позадина што на тие зборови им дава денотација и конотација, односно тоа се значењето на зборовите и вредностите што доаѓаат со нив. Прашањето тука е дали наставниците и консултантите, кога го користат платното на деловен модел во своите курсеви или во консултациите, разговараат за ваквата позадина со своите слушатели?

Ние сметаме дека одговорот најчесто е „не“. Дополнително, спроведовме концепциско истражување насловено како Важноста на критичката писменост за наставниците и учениците при користење на алатки за платно на деловен модел, инаку студија која има за цел да го расветли постоењето на имплицитните претпоставки и контексти во некои од моделите, и да укаже на важноста на ваквата концепциска и контекстуална анализа на алатките на платно во образованието.

Слика 1: Стандардна структура на платно на деловен модел. Станува збор за алатка за платно во рамките на Creative Commons лиценца преземено од Strategyzer.

Платното на деловен модел е празен лист хартија кој треба да даде простор за креативна употреба во деловното планирање или во планирањето на социјални проекти, како и за други намени. Притоа, овој празен лист не е толку празен како што изгледа – тој, всушност, кажува илјада зборови.

Бројот и структурата на основните елементи (building blocks) го ограничува контекстот на зборовите што се користат во описот на блоковите: предлог за определена вредност, клиенти, испорака, односи, партнери, ресурси, активности, приходи, трошоци, финансиска добивка. Ако претприемач кој сега започнува со бизнис го користи овој модел и овие зборови ги сфати онака како што се толкуваат во упатствата, тој ќе има полза од тоа. Но, ако на активистка која работи на проект за давање услуги за нега во локална заедница ѝ треба помош при деловното планирање, идеолошкиот контекст на нејзиниот проект е различен од менталната матрица, и ако таа не е во можност критички да го чита моделот на платно, ќе форсира спроведување на коцкаст модел на, инаку, тркалезен проект (ако можеме така да кажеме) и ќе отсече витален дел од својот проект.

На крајот, целиот нејзин потфат ќе биде оценет како неуспех.

Зборовите како „вредност“, „клиент“, „имот“ итн. имаат силна контекстуална позадина

На пример, ако група млади луѓе кои немаат реални можности да купат или да изнајмат станови на еден суров пазар на недвижности, започнат да развиваат проект за заедничко домување, како тие би можеле да ја „втиснат“ својата идеја во моделот што ги разбира само двете значења на зборот „имот“ (приватен и јавен/државен имот), а целосно го изоставува третото значење т.е. заеднички имот или заедничките работи, што е клучна категорија во планирањето на задругата за изнајмување станови.

Потребно е критичко читање на моделот на платно за да се осознае како поимот „сопственост“ во тој модел е заглавен во дихотомијата јавно-приватното и не остава простор за вклучување на заеднички имот или на заеднички работи во деловниот модел на еден ваков проект за домување.

Еден друг пример кој покажува потреба од критичко читање на платното како алатка е зборот „вредност“ кој се користи во различен контекст. На пример, прашањето „Која е вредноста на вашиот производ за вашите клиенти?“ во споредба со „Како ќе создадете вредност од вашиот производ?“ Во првиот случај, зборот „вредност“ се однесува на „задоволство“, а во вториот случај се однесува на „парична вредност“.

Така, кога се комбинираат овие две значења на зборот „вредност“ за да се донесе заклучок, корисникот на моделот можно е да извлече погрешни заклучоци, на пример, дека клиентите ја мерат вредноста на задоволството преку паричниот критериум.

Постојат алатки и учебници за наставниците и учениците да научат да препознаваат такви погрешни употреби на зборови и изведување заклучоци кои во логиката се нарекуваат логички грешки или заблуди.

Слика 2: Пример за несомнена заблуда. Нашиот случај со двете употреби на зборот „вредност“ наведен погоре е исто така пример за овој вид на логичка заблуда.

Ако зборуваме за примерите на контекстуална употреба на зборовите „имот“ и „вредност“, добро е да ја спомнеме и ригидната употреба на поимот „клиент“, кој во нашиот случај со задругата за домување го менува своето место во структурата, бидејќи самите клиенти се членови на задругата, што значи истите субјекти како и оние кои го извршуваат потфатот, така што сегментот на клиенти треба да се распредели на левата страна на моделот или треба да се направи некоја друга реконструкција на моделот за да може нашиот пример правилно да биде поддржан.

Исто така, горните две употреби на зборот „вредност“ во две различни прашања се соочуваат со очигледен парадокс кај истите лица кои себеси си го поставуваат прашањето „Како да создадам вредност (пари) од задоволувањето на моето вреднување на безбедното изнајмување?“.

Критичкото читање на алатките за деловно моделирање ги еманципира младите

Овие примери се обидуваат да покажат дека критичкиот пристап е неопходен во наставата по деловно моделирање. Метод кој може да се користи за оваа намена е критичката писменост, која, според Пауло Фреире во Педагогија на угнетените значи капацитет за анализа, критика и трансформирање на општествени, културни и политички текстови и контексти.

Според Фреир, „читањето на зборот повлекува читање на светот“, затоа, трансформацијата на светот е во преименување на појавите. Ако го парафразираме Фреир, пишувањето на зборот повлекува пишување на светот. Значи, разбирањето и менувањето на контекстот на зборовите во деловното моделирање е исто толку важно како и менувањето на контекстот и значењата на зборовите во пошироки општествени аспекти. На пример, ако наставникот го користи само зборот „семејство“ во контекст на двајца хетеросексуални партнери кои имаат деца, тогаш тој со сопственото учење репродуцира општествено уредување.

Само контекстуалната промена на употребата на зборот „семејство“, кога се користи и во контекст на бисексуални партнери кои имаат деца или други возрасни заедници со деца или индивидуални возрасни со деца, ќе значи дека промена во општеството е можна.

Истото важи и со наставата за деловно моделирање. Наставниците и консултантите треба да им дадат поддршка на своите ученици критички да го читаат платното на бизнис модел, да ја преиспитаат неговата структура и да ја променат неговата архитектура доколку е потребно, да ги анализираат и преформулираат концептите во основните елементи, да внесат нова употреба на поимите „вредност“, „добивка”, „односи”, „имот”, „клиенти и корисници”, „трошоци”, „приходи” итн.

Така, како параметри на успехот, на пример, може да се постават и „бавен раст“ или „назадувачки раст“, или некои други принципи.

Критичкиот читател на деловен модел ќе се запраша себеси „Кој е оној кој ни се обраќа преку моделот?“, „Која е неговата цел?“, „Која економска теорија го легитимира моделот?“, „Каква општествена структура одржува еден таков модел?” И тогаш таа/тој ќе го одведе моделот во нов контекст и со преформулирање на концептите ќе може да го преобликува светот.

Новите генерации не можат да го променат светот ако наставниците на своите ученици да им даваат само модели за „повторување“ на деловни и општествени проекти, и со тоа само да го репродуцираат постојниот општествен поредок.

Доколку наставниците ја стекнат и потоа ја пренесат на своите ученици вештината за критичко читање на деловните моделите, тие ќе ги поттикнат учениците со таа вештина да ги трансформираат општествата во кои живеат.

*Каролина Бабич е независен истражувач и консултант за социјални и солидарни економии и членка на Здружението CAAP – Центар за алтернативно и автономно производство во Марибор (Словенија). Таа е доктор на науки по филозофија и доцент по социјална економија на DOBA школата за бизнис во Марибор. Таа е и колумнист и активист по потреба.

**Пеѓа Ашанин Голе е виш предавач по стратешка комуникација на Љубљанската бизнис школа (Словенија), истражувач и партнер во Ennoema Институтот за лингвистички, филозофски и општествени научни истражувања во Љубљана и визитинг предавач по стратешка и кризна комуникација на Институтот за Комуникациски студии во Скопје, Македонија.

***Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.