Наградена бизнис идејата ,,MultiBox” на средношколци од Прилеп

Решение што на потрошувачите им нуди практично и интересно парче мебел ,,MultiBox” му донесе победа на средното училште ,,Кузман Јосифовски – Питу” од Прилеп на натпреварот во претприемнички вештини организиран од Џуниор Ачивмент Македонија.

Нивната бизнис идеја е коцка мебел која се трансформира во столче, масичка и фиока за складирање и нуди подобра функционалност и искористеност во просторот. Изработена од специјално обработена и моделирана отпадна пластика на корисникот му нуди практично решение за секој мал простор и може да се собира според потребите на потрошувачите. Димензиите овозможуваат и комбинирање на повеќе коцки.

Второнаградениот тим доаѓа од гимназијата ,,Никола Карев” од Скопје. Тие понудија повеќенамески кујнски апарат (тостер, сецко и кафемат), додека третата награда ја доби тимот од гимназијата ,,Раде Јовчевски Корчагин” кој понуди иновативно решение за трпезариска маса. Масата врши дополнителна функција по избор на потрошувачот – уметничко дело, слика, огледало, ѕвездено небо.

Ова се дел од идеите кои петчлената жири комисија имаше можност да ги слушне минатата недел на натпреварот кој се одржа од 3 до 15 март 2021 година.

На него учествуваа 123 ученици од 16 тима од средни училишта од Битола, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Охрид, Прилеп, Свети Николе, Скопје, Струмица и Штип.

Учениците имаа можност да работат со 16 бизнис волонтери кои ги советуваа и помагаа до целта. Преку низа тимски активности, користејќи ги сите придобивки од технологијата, ги покажаа својата креативност, иновативност и знаење во областа на претприемништвото.

Извршната директорка на Џуниор Ачивмент Македонија, Љупка Панчевска заклучи дека ,,кампот на иновации кој се одвива шести пат по ред претставува место каде учениците можат да научат нови корисни вештини за презентирање и тимска работа како и да ги зајакнат своите компетенци и вештини за предизвиците на современиот пазар на труд.”

На свечената онлајн церемонија за доделување награди, свои обраќања со поддршка за настанот имаа директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, амбасадорката на САД во РСМ, Кејт Мари Брнз, како и Мила Царовска, министерка за образование и наука.

Овој натпревар е дел од Проектот на УСАИД за Поддршка на претприемничко учење во Југоисточна Европа и Евроазија, имплементиран од Џуниор Ачивмент Македонија, кој им овозможува на младите да стекнат практично искуство за водење бизнис и развивање нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиско работење, потребни за успешно водење на економијата во земјата.

Победничките тимови покрај освоените награди ќе имаат можност да ги искористат и стипендиите за студирање кои им ги додели Бизнис Академија Смилевски од Скопје.