„LifePal“ од гимназијата „Никола Карев“ е победник на Националниот натпревар на ученички компании

Ученичката компанија „LifePal“ од гимназијата „Никола Карев“ во Скопје е победник на националниот натпревар на ученички компании за учебната 2020/2021 година, организиран од Џуниор Ачивмент Македонија.

„Нивната компанија нуди интересно и практично решение за непредвидливи ситуации од секојдневниот живот на училиште, работа или при рекреација. Неопходните сетови, претставуваат мали пакетчиња составени од неколку производи, кои ќе бидат лесно достапни од поставените вендинг машини“, се вели во соопштението.

„LifePal” следно ќе учествува на Европскиот натпревар на ученички компании, кој годинава се оддржува виртуелно од 13-ти до 15-ти јули. За прв пат, Џуниор Ачивмент Европа и Џуниор Ачивмент Литванија во еден голем настан ГЕНЕРАЦИЈА-Е, ќе ги спојат двата натпревари кои го слават преприемништвото.

Второнаградената ученичка компанија „TechBook“ од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје, нуди паметна тетратка и веб-страница. Веб-страницата е од едукативен карактер и нуди простор за зачувување на белешките и корисни видеа. Паметната тетратката ќе го олесни начинот на пишување и организирање на училишните белешки и задачи и нуди директен пренос на податоците на компјутер.

Третото место го освои ученичката компанија „Grow Green“ од СУГС „Кочо Рацин“ од Скопје, која ја разви идејата за еко кафетерија, чии производи се биоразградливи и еколошки. Специфичните растенија кои ќе се одгледуваат во просторот имаат улога на декор и прочистувач на воздухот и ќе бидат користени во продажбата.

Ова се дел од идеите кои шестчлената жири комисија имаше можност да ги слушне од учениците. На натпреварот, кој се одржа од 10-ти до 31-ви мај, учествувале 108 ученици од 23 тима од средни училишта од Берово, Битола, Велес, Гевгелија, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп и Скопје.

Џуниор Ачивмент Македонија, оваа година додели награда и за најдобра презентација на производот или услугата, преку социјалните мрежи и видеото на ученичката компанија „Health Activity Providers“ од ССОУ „Димитрија Чуповски“ од Велес.

За посветеноста во работењето во програмата беа доделени и наградите за најдобар наставник на Снежана Бошковска од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје и најпретприемничко училиште – СОЕПТУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Прилеп. За прв пат, Џуниор Ачивмент Македонија додели и награда за најдобар есеј за етичка дилема во бизнис. Ученикот Давид Арсовски од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, најуспешно го одбрани својот критички став на дадениот предизвик за етичко однесување, велат организаторите.

Со нивните наставници и работењето низ целата учебна година во програмата, учениците се стекнаа со практично искуство за водење бизнис и маркетинг и ја зајакнаа својата финансиска писменост и подготвеност за работа.

За време на натпреварот пишувале и изработувале компаниски извештај, ја претставиле идејата на социјалните мрежи, изработиле промотивни видеа и презентации, а на крај ја претставиле и својата ученичка компанија, зајакнувајќи ги вештините за тимска работа и презентирање.

Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД во РСМ во своето обраќање кон учесниците нагласи дека претприемничкото образование е успешен модел на учење кој позитивно влијае на долгорочниот развој и вработливоста на младите, а со креирањето на претприемничка култура средношколците можат да заземат активна улога во дефинирањето на своето образование и кариера.

Коста Петров, директор на ФИТР, ги поздрави ученичките идеи и иновации и ги охрабри да продолжат да ја развиваат својата идеја во реалност, нагласувајќи ја важноста од поттикнување на креативноста и критичкото размислување и негување на истражувачкиот и претприемнички дух во нашата земја.

 Мила Царовска, Министерка за образование и наука истакна дека преку поттик за натпревар се развива индивидуалниот и колективниот натпреварувачки дух, личната свест и одговорност, нагласувајќи дека младите треба да бидат поддржани со образовни можности согласно ерата на дигиталната ИТ технологија.

Националниот натпревар е дел од Проектот за Поддршка на претприемничко учење во Европа и Евроазија, поддржан од УСАИД, Фондот за иновации и технолошки развој и Агенцијата за поддршка на претприемништво на РСМ. Трите најдобри тимови беа наградени и од овогодинешните соработници СЕМОС едукација и ПАКОМАК.