„Младите мора да бидат рамноправен партнер во процесите на одлучување“ – дебата на ИДУЕП

Поквалитетно образование, консензус меѓу партиите за сите прашања кои ги засегаат младите, како и вклучување на секој млад човек во процесите на носење на одлуки. Ова се само дел од заклучоците од првата од серијата јавни дебати на темата „Што сакаат младите?“ која ги организира Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Младинските лидери кои учествуваа на дебатата истакнаа дека е потребно постојано да се потсетуваат институциите дека младите се рамноправни и активни чинители во креирањето политики на локално и централно ниво.

Основачот на Сојузот на средношколци и активист Бленди Ходаи истакна дека го радува тоа што поттикнале се повеќе млади луѓе гласно да ги бараат своите права, односно тие да бидат прифатени и почитувани од надлежните институции. Како важен потег, тој за пример го даде решението за државната матура кое Сојузот го постигна во дијалог со Владата.

„Верувам дека она што го изградивме како млади активисти, а кое се темели врз мултикултурното обединување на младите и борбата за нашите барања и цели ќе продолжи и во иднина бидејќи е од интерес на младите, односно на целата земја. Секоја млада личност има обврска да биде активна со цел заедно да придонесуваме во општеството за да имаме подобар стандард. А, желбата за иселување кај младите ќе се смени само ако ние младите сме активни и неуморно се бориме за заедничките цели кои ги имаме, бидејќи никој друг тоа нема да го направи за нас или во наше име“, рече Ходаи.

Младиот европски амбасадор од Западен Балкан Александар Каратошо пак посочи дека сите влади прават напори за реформи во образованието, но истакна дека го избрзуваат процесот, без да ги вклучат сите страни и да ги применат предлозите кои ги даваат сите чинители.

„Ќе го споменам примерот од претходно, со воведувањето на деветолетка, или, пак, актуелниот пример со реформата за дигитализација на учебниците. Надлежните институции мора да имаат инклузивен процес за секоја реформа. Ние како држава немаме консензус од сите засегнати страни за важни теми како што се образованието, здравството и слично. Сведоци сме дека се
повикуваат младите на состаноци, ние даваме предлози и идеи, но на крајот речиси ништо од тоа не се прифаќа, туку изгледа како да се викнати младите со единствена цел да се прикаже дека формално биле дел од процесот на одлучување. Ако не ги промениме работите во оваа сфера, иселувањето на младите ќе бележи погубни статистички бројки“, истакна тој.

Младинската активистка Дена Сачмароска смета дека целиот процес на образование мора да се реформира, бидејќи, како што додаде, учиме само како да учиме, наместо да стекнуваме вештини потребни за живот и работа. Истовремено, таа посочи дека на младите мора да им се дадат можности, истовремено додавајќи дека се потребни еднакви можности за сите, како и инклузивно образование, каде наставниот кадар ќе биде во улога на ментор на секој ученик или студент.

„Неопходно е да го подобриме нашиот образовен систем со цел младите да не сакаат по секоја цена да одат во странство. Тоа значи дека треба на секоја млада личност да ѝ се овозможи истиот квалитет на едукација. Младите се иднината на државава – тие утре ќе бидат идните лидери. Затоа, мора сите да се еднакво информирани, да имаат еднаква шанса за стипендија, односно секоја друга поддршка да им биде овозможена“, рече Сачмароска.

Наместо умови надвор сакаме да извезуваме успешни младински политики создадени во земјава, вели младинскиот активист Марио Паунов.

„Дали и понатаму генерациите млади својата иднина исклучиво ќе ја гледаат надвор од границите на државата зависи од тоа какво општество ќе креираме сите заедно. Потребно ни е општество во кое има место за секого, односно простор каде гласот на младите луѓе ќе биде еднакво слушнат и вреднуван. Како едно од основните барања за напредок на младите е токму образовниот процес
и неговото постојано унапредување до степен на квалитет како во европските земји или САД. Тука можеме заеднички со надлежните институции многу повеќе да придонесеме, а еднаквиот пристап до квалитетен интернет и уреди за следење на наставата и учењето е една од основните придобивки која моја да ја има секоја млада личност во 21 век“, посочи Паунов.

Во однос на дигитализацијата на образованието, учесниците се согласија дека процесот несомнено ќе влијае за подобар квалитет на образованието, но истовремено потенцираа дека таа мора да остане право на избор за секој ученик или студент, бидејќи само на тој начин може да се почитува волјата на секоја личност, и со тоа да се создаде вистинско инклузивно образование.

Серијата јавни дебати, како што посочуваат од Институтот имаат за цел подигнување на јавната свест за вклучување на младите во процесите на одлучување и владеење, особено кај општествените чинители.