Младите бараат изборен модел кој ќе ги мотивира да излезат на гласање, дебата на ИДУЕП во Собранието

Младите сакаат изборен модел кој ќе ги рефлектира нивните потреби и интереси и ќе ги мотивира да излезат на гласање, како и да гласаат за кандидат чиј успех ќе се мери според сработеното. Ова е заклучокот од дебатата на тема „Каков изборен модел ни треба за посилна демократија?“, на која учесниците се согласија дека се потребни реформи согласно потребите на општеството и по мерка на граѓаните, соопшти Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

На дебатата во организација на ИДУЕП и Клубот за младински прашања учествуваа повеќе неколку млади пратеници, а со свои предлози и идеи во дебатата се вклучија и повеќе од 35 млади алумнисти од НДИ, ИРИ, ИФЕС, Младински европски амбасадори, како и младински активисти на Евроатлантскиот совет, Младинскиот сојуз, Сојузот на средношколци и ИДУЕП.

Координаторката на Клубот за младински прашања и политики во Собранието Моника Зајкова смета дека ваквите дебати, особено со млади луѓе се важни во поттикнувањето промени.

„Како политичари сме учествувале во многу вакви дебати, но тоа се наши идеолошки, политички размислувања. Нас ни значи мислењето и на младите и важно е заедно да дебатираме, бидејќи промената на изборниот модел многу ќе влијае на тоа какво
Собрание ќе имаме. Дали ќе биде разнолик и ќе бидат претставени интересите на различни групи или ќе останеме во место,“ рече Зајкова.

Пратеничката смета дека со реформа на изборниот модел ќе им се даде шанса и на помалите партии и нема да се губат, како што вели, и по 50 илјади гласови како сега. Истовремено, таа нагласи дека сите предлози и заклучоци од денешната дебата ќе бидат
понатаму дискутирани во Клубот на млади пратеници и преточени во конкретни предлози.

Пратениците од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Стојановски и Јован Јаулески сметаат дека е зрело време за промени на изборниот модел. Стојановски вели дека актуелниот изборен модел им дава повеќе шанса на големите партии што е негативно и треба да се менуваат согласно потребите на општеството.

„Навистина е зрел моментот за да започне дебатата во Собрание дали треба и како треба да се менува изборниот законик. Лично сметам дека треба да не оставаме пратеници да се кријат зад партиите, туку да се цени според мерит системот од гласачите и од средината од која доаѓаат“, рече Стојановски.

Во меѓувреме, Јаулески смета дека ваквите реформи ќе придонесат и кон развој на внатрепартиската демократија и да се зголеми гласот на младите.

„Комбинација на отворени листи со пропорционален модел би довело до тоа оние кои се навистина ценети во средината да бидат избрани и со тоа да не бидат игнорирани од партиското раководство. Ова е можност и ние младите да се наметнеме внатре во
партиите и да ни се слушне гласот. Секогаш има аргументи за и против, но овие дебати се корисни како да се подобри политичкиот систем во земјата,“ рече Јаулески.

Иницијаторот на оваа активност Бојан Никовски смета дека младите луѓе треба да бидат слушнати, но и вклучени во носењето на одлуки за вакви важни теми.

„Сметам дека дебатата за тоа каков изборен модел ни е потребен е многу важна бидејќи токму од изборниот модел во голема мера зависи каква демократија ќе има една држава. Дали ќе имаме партизирани институции или, пак, дали ќе имаме функционални или
нефункционални влади. Младите луѓе се идни, меѓутоа и сегашни креатори на политики и мора да бидеме вклучени во овие процеси.“, рече Никовски.

Тој најави дека заедно со ИДУЕП е предвидено организирање серија на настани на оваа тема со кои ќе се даде простор на младите луѓе слободно да го искажуваат својот личен став и уверување, независно дали во моментов се граѓански активисти, дел од политички подмладоци или имаат желба да станат активни чинители во општеството.

Младите алумнисти на дебатата беа согласни дека треба да има реформи во изборниот модел и воведување на политичката култура, како и нивото на дебата во Собранието, но имаат различни ставови околу тоа како треба да изгледа изборниот концепт.

Сепак најголем број од младите луѓе, од ИДУЕП велат дека се залагаат изборниот модел кој ќе биде избран од партиите да им овозможи на гласачите да гласаат за кандидат или кандидатка кои сметаат дека се најдобри, а не првенствено за партија или коалиција како сега.

Иван Дургутов смета дека е потребен поинаков изборен модел отворајќи го прашањето каква демократија и каков модел имаме ако излезноста на изборите во просек е под 50 проценти. Слично размислува и Дениз Селмани според кој на парламентарните избори се „губат“ помеѓу 60 и 90 илјади гласа“, па затоа, според него, изборниот модел на една изборна единица без ограничувачки цензус ќе го надмине во голема мера ваквиот недостаток и ќе придонесе за поголема застапеност на многу поширок број на граѓани.

Арта Селмани, пак, се залага за комбинација на повеќе модели бидејќи смета и принципот на една изборна единица и мнозинскиот модел имаат свои мани и недостатоци, но и придобивки поради што е најдобро да се изнајде баланс меѓу двата модела.

Мнозински изборен модел со апсолутно мнозинство во два изборни круга и предлог а да се намали бројот на пратеници од сегашните 120 на 90 е ставот на Филип Ивановски за нов изборен модел кој би се вовел во земјава.

На овој начин, тој смета дека ќе се зајакне врската меѓу народните претставници и гласачите, а ќе се овозможи создавање на постабилно владејачко мнозинство со што би се зголемил легитимитетот на пратениците во македонското Собрание.

Комуникологот и претседател на ИДУЕП Бојан Кордалов нагласи дека главна цел на ваквите иницијативи е на инклузивен начин и преку демократска комуникација да се разговара за важни општествени теми, предизвици, но пред сѐ решенија креирани низ перспективата на младите.

„Денес најгорливо прашање е дали ќе има струја или рестрикции или, пак, дали ќе растат цените на производите. Но, како ќе се справиме со тие кризи, дали успешно или не, зависи од тоа какви пратеници, министри и градоначалници ќе избереме да не застапуваат. Затоа е важно каков изборен модел ќе имаме и колку тој ќе влијае врз интензивирање на соработката на политичарите и носители на јавни функции со граѓаните и граѓанките. За жал, многу релевантни истражувања покажуваат дека над 2/3 од младите не сакаат и не се вклучени во никаква политичка активност. Лично сметам дека е тоа така бидејќи не им дава доволно простор. Ваквите дебати се еден чекор кон тоа да се промени и сум благодарен на Клубот на млади пратеници за нивната
отвореност за соработка со Институтот, но првенствено за желбата да отстапат простор и ги вклучат младите луѓе во процесите на носење на одлуки“, заклучи Кордалов.

Иницијативата за дебатата е дел од напорите на Институтот да ја истакне потребата од јавна аргументирана дебата за важни општествени теми во која, како што велат тие, главниот збор ќе го имаат младите како сегашни и идни креатори на политики, а е прва од серијата настани што ќе се организираат заедно со собранискиот Клуб за младински прашања и политики.