Колку беа активни најмладите пратеници во македонското Собрание? [Инфографик]

Малку дискусии и уште помалку предложени закони дошле од десетте најмлади пратеници во Собранието на Северна Македонија во периодот од август до декември 2021 година, покажа новото издание на собраниската публикација „Мојот пратеник“.

Пратениците Дарко Каевски и Бојан Стојаноски биле најредовни во Собранието и во овој полугодишен период немаат ниту едно отсуство. Најмалку во Собранието бил пратеникот Дарко Костовски, кој бил присутен само на 5 пленарни седници, а собраниските служби му регистрирале дури 46 оправдани отсуства.

Во поглед на поднесување предлог закони или амандмани најактивен бил Стојаноски, кој имал поднесено 63 амандмани, додека Артина Ќазими, Костадин Костадинов и Мухамед Кадиров немаат поднесено ниту еден предлог-закон или амандман. Освен Каевски, кој има поднесено 2, ниту еден друг од 10-те најмлади пратеници немаат поднесено предлог-закон во овој период.

Стојаноски исто така бил и најактивен од неговите најмлади колеги и по бројот на излагања на собраниските пленарни седници. Тој вкупно 27 пати дискутирал и реплицирал, а единствениот друг пратеник од овие десет кој имал двоцифрен број излагања бил Каевски со 11. Во меѓувреме пратениците Кадиров, Костовски и Моника Зајкова немале ниту едно излагање на пленарна седница.

Треба да се напомене дека во овој период беа одржани локалните избори 2021, па Собранието не работеше во предизборниот период. Истовремено четири од овие десет најмлади пратеници беа во изборната трка и станаа градоначалници.

Во втората половина од минатата година, според публикацијата, биле донесени вкупно 69 закони, а одржани биле вкупно 12 работни седници и 2 седници на пратенички прашања.

Сите детали можете да ги погледнете на инфографикот во продолжение:

Новата публикација „Мојот пратеник“ е објавена по повеќе од една година. Собранието нема објавено ваква публикација за првата половина од 2021 година. Претходно Радио МОФ објави инфографик за тоа колку активни беа најмладите пратеници од почетокот на работата на овој парламентарен состав:

Колку се активни најмладите пратеници во македонското Собрание? [Инфографик]

Даниел Евросимоски