Признание за Срна Дуковска од „Кунстверкштат“ од Фестивалот во Требиње

Срна Дуковска, која ја игра улогата на Амина во претставата „Немам каде да се вратам“ на групата „Кунстверкштат“ на Младинскиот образовен форум е наградена со диплома за актерска минијатура од жирито на театарскиот „Фестивал Фестивала“ кој се одржа од 20 до 26 јули во Требиње, Босна и Херцеговина.

Во составот на жирито на 62-то издание на „Фестивал Фестивала“ беа режисерите Мирослав Бенка и Димитрије Јовановиќ, како и драматургот Жељко Хубач. На фестивалот беа изведени седум претстави на аматерски театри од Северна Македонија, БиХ, Црна Гора, Србија и Хрватска.

„Немам каде да се вратам“ претходно доби бројни позитивни критики од театарските критичари на Фестивалот во Требиње.

Се работи за претстава за талкањето на сириските бегалци. Се отсликува со квалитетна колективна игра со комплицирана естетика во изразување на сериозна светска проблематика, низ која се проткајува будење на општествена одговорност и емпатија.

Она што ликовите од оваа претстава го наоѓаат е нивниот сопствен однос кон она од коешто бегаат. Дејството се случува во еден од бегалските кампови во Македонија и откако ликовите ќе се соочат со своите задоцнети бури, продолжуваат по својот пат до некоја од европските земји.

Текстот е на Милош Андоновски, а режијата на Дени Стојанов. Улогите ги толкуваат: Ангел Таневски, Влатко Јовановски, Георги Божиновски, Ивана Стамевска, Ивона Кузмановска, Марина Таневска, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Тамара Глушкина, Филип Христовски и Христина Мирчевска.

Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на театарот, друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Групата е основана од страна на Петар Антевски и Паула Фе во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс во рамките на програмата Младински активизам.