Како пропадна концептот на самоодржливи премини за пешаци

„Може да поминам заедно со вас? Се плашам да одам долу сама“, ни рече една дваесетгодишна девојка додека се симнувавме по скалите на подземниот пешачки премин кај хотелот „Континентал“.

Овој премин е изграден пред повеќе од 50 години и е замислен да функционира самоодржливо, односно со изнајмувањето или со продажбата на локалите во него да се покриваат трошоците за неговото одржување, а сопствениците да се грижат за хигиената и за светлото внатре, објави Призма.мк.

Неколку децении беше единствениот таков објект во Скопје, додека со истата замисла не се изградија преминот кај трговскиот центар „Скопјанка“ во Аеродром и надземниот премин „Влајко“ во Влае, кои се стари дваесетина години.

Она што е заедничко за сите нив денес е дека, не само што не си ја остварија својата самоодржлива функција, туку одвај имаат некоја функција – најголемиот број дуќани се празни и напуштени, пристапите се полни со ѓубре, а граѓаните избегнуваат да ги користат.

Освен што биле потрошени пари за изградба, низ годините, за овие премини се трошат илјадници евра за одржување и за поправки. Само „Влајко“ досега чинел над 700 илјади евра, според достапните податоци.

Додека во многу градови низ Европа и на Балканот, подземните премини се едни од најживите места и функционираат како мини трговски центри, во Скопје, по повеќедецениски обиди, тој концепт не успеа.

Надвозник што „одмора“ во викенди 

Фото: Призма.мк

Спуштените метални решетки беа првото нешто што го видовме на преминот „Влајко“, кога го посетивме едно саботно попладне. Беа опкружени со лименки, отпадоци од храна и со многу догорчиња од цигари. Се обидовме да влеземе од другата страна, но и оттаму беше затворено. Веќе на петтата скала се ширеше силна миризба на урина.

Ниту ескалаторот не работеше. Дел од неговата стаклена ограда беше искршена, а другиот дел беше исчкртан со графити.

Како што подоцна дознавме од Општина Карпош, преминот има работно време, бил отворен само во работни денови од 7 до 19 часот. Ниту тоа не се почитува секогаш, бидејќи кога вториот пат го посетивме преминот во работен ден, беше затворен веќе во 18 часот. Барем отпадоците беа собрани.

„Влајко“ е изграден во 2006 година над булеварот Партизански одреди, во населбата Влае, во близина на мостот Обединети нации. Покриениот и затворен премин има 16 дуќани, по осум од двете страни, и простор за минување меѓу нив.

На дваесетина метри од него има пешачки премин со семафори на самата улица, кој функционира постојано. Пешаците тука имаат избор дали да се качуваат по скалите на „Влајко“ или да го почекаат зеленото светло долу, на булеварот.

Своевремено неговата изградба на тоа место се објаснуваше со потребата да се олесни и да се направи побезбеден пристапот до основното училиште „Димо Хаџи Димов“ за учениците што живеат на спротивната страна од булеварот. Денес учениците ретко го користат.

Во 2006 година, општината потроши околу 600 илјади евра за неговата изградба. Во исто време, во Општина Чаир се изгради надземен премин без дуќани и дополнителни елементи, па Општина Карпош беше критикувана дека со парите за „Влајко“ можела да изгради 30 такви премини.

Целиот текст е достапен на овој ЛИНК.

Ангела Бошкоска и Симона Паскоска