Отворен повик за креативци – „Слобода на тротоарите“

Мартин Анастасовски, автор и домаќин на подкастот „Збориме Реално“, заедно со уште неколку независни индивидуалци го отворија повикот за креативно дело на тема „Окупирани тротоари“.

Тие порачуваат дека целта на повикот е преку забава и креатива да се покаже пркос кон непопуларните урбани политики, но и решавање на еден голем проблем – ослободување на скопските тротоари.

На  отворениот повик може да се пријават креативци, односно писатели, аудио-визуелни уметници, стрип-автори, заварувачи, пејачи, молери, велосипедисти и заинтересирани граѓани кои би изработиле свои автентични дела кои ќе понудат рефлексија на окупираните тротоари и пешаците кои се принудени да чекорат по коловоз, во друштво на автомобили.

„Ги повикуваме независните мислители и чинители, добронамерните граѓани, активистите и сите оние кои ќе се пронајдат себе си и кои ќе се почувствуваат повикани, да се вклучат и да бидат дел од урбаната трансформација за промена на Скопје кон подобро, а истовремено да испратиме сигнал кон другите градови. Направете необична, креативна, фантастична критика на проблемот која ќе не однесе еден чекор поблиску до создавање свест за проблемот. Креирајте одблесок кој ќе резултира со зајакнување на свеста кај граѓаните и ‘иритација’ на надлежните за поекспедитивно делување“, се вели во повикот.

Повикот е отворен за поезија, кратки раскази, мултимедијални производи, стрипови и визуелни дела на тема „Окупирани тротоари“, кои ќе содржат сопствени размислувања, искуства, тематиката на судирот помеѓу човековите потреби и (не)можноста за слободно движење, како и емотивната штета која ја трпат лицата чие движење е отежнато или оневозможено.

Организаторите додаваат дека за делата може да се создадени во разни стилови, да бидат формални и неформални, критично настроени или сатирични. Тие треба да се испратат преку „Гугл формулар“ или на мејлот manastasovski@gmail.com до 15 септември.

Тие додаваат дека сите поднесени дела ќе бидат објавени на веб страна и на социјалните мрежи, како и дека одбрани дела ќе бидат испечатени во неформално издание ткн. „Зин“ и ќе бидат промовирани на „урбано-герилски“ читачки настан на локација во Скопје.