Советот на Град Скопје донесе одлука за основање на Јавна установа за урбанизам „Кензо Танге“

Советот на Град Скопје на денешната седница донесе Одлука за основање на Јавна установа за урбанизам на Град Скопје „Кензо Танге“, на предлог на градоначалничката Данела Арсовска, соопштија од градот.

Целта на основањето на установата, од Град Скопје велат дека е подигање на стандардите и квалитетот на вршењето на работите од урбанистичкото планирање, како и за обезбедување на оптималните услови за вршење на дејноста уредени со Законот за урбанистичко планирање.

Дополнително оттаму додаваат дека едновремено ќе се елиминираат постапките на надворешни јавни набавки и тендери за проектирање на објекти на Град Скопје.

„Јавната установа за урбанизам покрај дефинираните надлежности согласно со Националната класификација на дејности ќе учествува во изработка и донесување на генерален урбанистички план на Град Скопје, спроведување и следење на спроведувањето, ќе изработува урбанистички планови и урбанистички проекти и учествува во нивното донесување, спроведување и следење на спроведувањето, изработка стручна ревизија на урбанистички планови и урбанистички проекти согласно условите за вршење на ревизија пропишани со закон, изработува проектно-техничка документација за инфраструктурни и супраструктурни објекти, како и надзор над имплементација на истите, изработува студии, експертски елаборати и програми поврзани со планирањето и уредувањето и просторниот развој на градот“, соопштија од Град Скопје.

Истовремено, од Град Скопје посочуваат дека установата ќе врши одржување и ажурирање на базата на просторни податоци за своето подрачје, следење и анализа на спроведувањето на урбанистичките планови, изработка на извештај за состојбите во просторот, изработка на основни и сообраќајни проекти, учество во создавање на оценката за просторниот развој и учество во создавање на програмата за донесување на урбанистички планови.

„Покрај ова, оваа установа ќе остварува соработка со надлежните институции за планирање на просторот при изработувањето на просторни планови од нејзина надлежност. Јавната установа се организира на начин кој ќе овозможи Градот Скопје да обезбеди услови и стратешки поголемо влијание за рамномерен просторен развој на градот, рационално уредување и користење на просторот и услови за хумано живеење и работа на граѓаните, одржлив развој, заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита на културните и историски вредности, јавност во постапката за донесување и спроведување на плановите, усогласеност со нормативите и стандардите за просторно и урбанистичко планирање, при што и работењето на Јавната установа  ќе се заснова на принципите на стручност, професионалност, транспарентност и одговорност во работењето и постигнатите резултати“, додаваат од Град Скопје.