[Видео] Норвешка се подготвува да го отвори најдолгиот велосипедски тунел во Европа

Норвешкиот град Берген се подготвува да го отвори најдолгиот наменски изграден тунел за пешаци и велосипеди во светот, јавува Евроњуз.

На 15 април, тунелот долг 2.9 километри ќе биде отворен за јавноста со настани за трчање и велосипедизам. За да се помине низ тунелот, потребни се околу 10 минути со велосипед и 30 до 45 минути пешки.

Тунелот ја сече планината Ловстакен, поврзувајќи ги станбените области Флингсдален и Миндемирен. Велосипедистите можат да продолжат кон југозападниот град Берген, користејќи ги другите постоечки рути.

Целта на тунелот е да им олесни на повеќето луѓе да изберат велосипед или пешачење наместо возење автомобил.

Ова не само што може да помогне во намалувањето на сообраќајот во градот, туку може да помогне и во намалување на емисиите на јаглерод диоксид и загадувањето.

Тунелот кој се одликува со добро осветлени постојки за одмор и безбедносни камери насекаде, ќе биде отворен секој ден од 5:30 до 23:30 часот. Шарено динамично осветлување ќе создаде бран на светлина кога велосипедист или пешак ќе влезе во тунелот на двата краја, предупредувајќи ги велосипедистите за сообраќајот од спротивната страна. Телефони за итни случаи се достапни на секои 250 метри.

Се наведува дека тунелот ќе се одржува на константна температура од 7 Целзиусови степени, што го прави атрактивен за трчаките во постудените денови.