Домородни активисти меѓу добитниците на еколошката награда „Голдман“ за 2022

Домородни активисти од Еквадор се меѓу добитниците на годинешната награда „Голдман“, која е едно од најпрестижните признанија во областа на заштита на животната средина.

Александра Нарваез и Алекс Луситанте ја добија наградата поради тоа што го потикнаа домородното население од племето Кофан да ја заштити својата земја од рудници за злато.

„Нивното лидерство резултираше во историска правна победа во октомври 2018, кога судовите во Еквадор ги поништија концесиите за 52 нелегални рудници за злато, кои биле нелегално доделени без дозвола на Кофан заедницата. Оваа правна победа заштитува речиси 200 квадратни километри на недопрена дождовна шума полна со биодиверзитет во реката Агарико во Еквадор, која е света за Кофаните“, стои во соопштението од „Голдман“.

Оваа награда се доделува секоја година на заслужни херои од областа на животната средина од сите шест населени континенти во светот.

Другите добитници оваа година се:

Налели Кобо, САД – 19-годишна предводничка на група организации кои трајно ги затворија токсичните површини за копање нафта во нејзината заедница. Таа заедно со нејзината заедница успеа да издејствуваат Лос Анџелес да забрани нови ископувања на нафта и да ги згаснат актуелните.

Марјан Минесма, Холандија – која успеала да издвојува историска правна победа против холандската влада, со која се наложува власта да воведе специфични превентивни мерки против климатските промени. Во декември 2019 година, Врховниот суд на Холандија одлучи дека владата има правна обврска да ги заштити нејзините граѓани од климатските промени и нареди до крајот на 2020 година да ги намали емисиите на стакленички гасови за 25%.

Ниват Ројкју, Тајланд – кој во февруари 2020 заедно со локалните жители издејствуваа стопирање на кинески проект за проширување на речното корито на Меконг, со кој би се уништиле околу 400 километри од реката за да се прошират навигациските канали за кинеските карго-бродови кои транзитираат по реката. Меконг извира од Тибет и се влева во Јужнокинеското Море и изобилува со богат биодиверзитет и претставува извор на егзистенција на повеќе од 65 милиони луѓе. Ова било првпат владата во Тајланд да поништи прекуграничен проект поради потенцијална деструкција на животната средина.

Џулиен Винсент, Австралија – кој предводеше успешна кампања за стопирање на финансирањето на проекти поврзани со јаглен во земјата. Австралија е еден од големите светски извозници на јаглен, но оваа кампања предизвика четирите најголеми банки да престанат да финансираат проекти поврзани со јаглен од 2030 година. Поради активизмот на Винсент, најголемите австралиски осигурителни компании се сложиле да осигуруваат нови проекти со јаглен.

Чима Вилијамс, Нигерија – еколошка правничка, која заедно со две локални заедници го тужеа нафтениот гигант „Шел“ за катастрофалното излевање на нафта во земјата. На 29 јануари 2021 година, Апелациониот суд во Хаг пресуди дека покрај локалниот подизведувач, за изливањето на нафта одговорна е и главната компанија „Ројал Дач Шел“, која морала да го превенира таквиот инцидент. Ова е прв пат во историјата една холандска транснационална корпорација да одговара за штета направена од нивен подизведувач во друга држава, што отвори простор „Шел“ да биде тужен од повеќе локални заедници низ Нигерија кои имаат последици од непочитувањето на безбедноста по животната средина од компанијата.

Со „Голдман“ наградите им се оддава почит за достигнувањата и лидерството на „грасрут“ активисти за животна средина од целиот свет. Наградата се доделува од 1989 година во Сан Франциско од страна на филантропите и граѓански лидери Рода и Ричард Голдман. Победниците ги избира жири комисија од кандидати кои ги номинира светска мрежа на организации за заштита на животната средина и активисти од оваа област.

Во 2019 година Ана Чоловиќ Лешоска од невладината организација „Еко- свест“ ја доби оваа престижна награда за нејзината седумгодишна кампањата за стопирање на меѓународното финансирање за две големи хидроцентрали планирани да се градат во Националниот парк „Маврово“.