[Интервју] Том Боерман: Пешачам низ светот за да ги натерам луѓето да не живеат во страв од непознатото

„Кога бев во дивина во Нов Зеланд, размислував за мене, животот, работата. Се’ уште ја имав компанијата, работев во здравствен сектор со лица со пречки во развојот. Од друга страна, имав и мала компанија за градежништво. Но, тоа не беше нешто што ќе ме прави среќен, што ќе ме стави во ‘оган’. И, си реков, што навистина сакам да правам? Навистина ми се допаѓа да пешачам во дивина, да бидам сам, попатно со ранецот на грб да среќавам различни луѓе и култури. Така што, реков ОК, ако навистина сакам да бидам авантурист, морам да направам нешто ептен лудо! И – го направив!“, вели 34-годишниот Том Боерман, кој од мај годинава од Холандија тргна пеш низ цела Европа, како еден од седумте континенти што сака да ги изоди во тек на пет години, да помине 40.000 километри и да ги инспирира луѓето да излезат од комфор-зоната и да не живеат во страв од непознатото.

За Том дознав преку една пријателка. Ми прати негов Инстаграм профил. Таму ги регистрира своите активности. Во еден пост прикажува како спие во шатор во природа, во друг зборува со улични минувачи во Франција, во трет гали крава во Швајцарија, а во четвртиот –  шета крај морскиот брег во Дубровник, Хрватска.

Сето тоа додека на себе носи патики, стап за одење и голем ранец со натпис „Пешачам низ светот“ (I walk around the world). Луѓето попатно му мавтаат. Се сликаат со него. Го охрабруваат во неговото патешествие. Делуваше нереално, па морав да го запознаам.

На виртуелната мапа веќе беше близу Македонија. Контактиравме по мејл и веднаш прифати интервју. Побара и евентуално место за престој, бидејќи преноќувањето му е еден од најголемите предизвици. Истовремено сака и авантура.

„Не е секогаш лесно, бидејќи поминувам низ земји со прекрасни луѓе, но не секогаш отворени за дружба. Сепак, убавината е што секоја земја поседува свои манири, менталитет, култура. Пример, во Македонија секаде гледам ѓубре. Во Холандија, пак, тренд е секој да си го собира ѓубрето. Но, од друга страна, за разлика од Македонија и Балканот, во западните земји луѓето се позатворени, не се навикнати да примаат странци во своите домови. И, таквите културни разлики го прават патувањето возбудливо“, вели Холанѓанецот на нашата средба во скопскиот Градски парк.

Ноќта ја имаше поминато во СЦ „Дуња“. Солидарно прифатија да биде нивен гостин. Се погоди да разговараме додека се одржуваше Скопскиот маратон. Симболично за ваква пригода. Надвор роеви луѓе трчаат по празната „Илинденска“, а тој пешачи за да го оствари сонот. Во меѓувреме „пука“ рано есенско сонце, со над 20 степени Целзиусови степени.

„Никој досега ги нема минато сите континенти на нога“

Том раскажува дека ова му е скоро 150-ти ден како тргнал од Холандија. Целата оваа идеја за пешачење низ светот дошла откако пред осум години неговиот живот бил катастрофа. Бил депресивен, со самоубиствени нагони и зависен од дрога. Морал да смени нешто, вели тој, инаку ќе умрел. Повеќе од една година одел на рехабилитација и… променил се’.

„И, еден ден, се сеќавам, гледав видео со повозрасни луѓе. Зборуваа за работите кои се каат во животот. Реков, што е со мојот живот? Што ќе правам со времето што ми е дадено? И тогаш напишав листа на желби (bucketlist). Ги продадов сите мои работи, ја прекинав врската, ја продадов куќата, автомобилот, компанијата… И почнав да патувам. Бидејќи тоа беше на мојата листа. Одев на долги прошетки во Америка, Хималаите, Нов Зеланд… Имав многу време да размислувам. Ништо не вреди додека не почнете да ризикувате. Но, со ризиците доаѓа стравот, а стравот доаѓа од непознатото. Па, сакав да се осигурам дека ќе го ‘запознаам’ непознатото. Да живеам за моментот, сега. Бидејќи, кога се дружевме со пријателите секогаш зборувавме за работите што сме ги правеле и што сакаме да правиме. Но, всушност, никогаш не живеевме за моментот, правејќи го она што навистина сакаме“, раскажува Том.

Се сеќава, пред неколку години седеле со пријател во Бугарија. Зборувале токму на темата. Нафрлале идеи. Сакал да пешачи, можеби треба до Кина?! Или подалеку?! Се напиле и пиво, почнале да истражуваат и на интернет.

„Дознав, многу луѓе веќе пропешачиле низ Кина. Не многу, но доволно, хехе. Па, си реков, мора да направам нешто различно. Но, што?! Потоа се разбудив следното утро и реков: ‘Сакам да пешачам низ светот!’. Знаете ли дека само 12 луѓе чекореле по Месечината? Тоа е помалку од луѓето што успешно пешачеле низ светот. Тоа е интересен факт. Исто така, луѓето зборуваат за искачување на Монт Еверест. Но, тоа го направиле веќе илјадници. И, тогаш сфатив дека никој ги нема поминато сите континенти на нога, вклучувајќи го Антартикот. Па, еве, тоа го правам“, низ смеа вели Том.

„Пешачењето ослободува и зближува“

Македонија е негова 14-та станица. Не е станица во вистинска смисла, бидејќи минува височини, полјани и граници пешки, некогаш и со часови без застанување. Тој е комплетно фит. Неуморен е. Самиот зборува дека фатил малку „заобиколен пат“. Но, не се брзал, сакајќи да види и планински делови од Швајцарија, дел од Германија, потоа Австрија, Италија, Словенија, Црна Гора, Албанија, Косово…

Според Том, за да запознаете некоја земја, нејзината култура, треба да ја проучите, или да пропешачите низ неа. Затоа што, вели тој, пешачењето се одвива бавно во однос на целата моторизирана бркотница по подобар живот. Па, луѓето веднаш разговараат со вас. Тука се, крај вас. Пешачењето ослободува, тоа е непосредно, спонтано, со чувство на блискост.

„За разлика ако имате кола или комбе – возите брзо и многу пропуштате. А, јас можам да видам како расте тревата додека пешачам. Прилично сум самоодржлив. Носам шатор и филтер за вода. Можам да преживеам во услови до -3 степени. Повеќето земји не дозволуваат кампирање на отворено, па понекогаш прашувам фармер дали е ОК да поставам шатор на негово земјиште. Или тропам на врата и барам вода. Кога ќе ме видат уморен, потпрен на стапот, често ме прашуваат ‘Што ќе правиш вечерва’. И, така се здружуваме“, вели Том.

Не сака премногу да зборува за пандемијата. За него „ковидот е негативна енергија“. Кога тргнал во мај, повеќето земји беа затворени. Со рестрикции и карантини. Раскажува, движел низ Швајцарија, каде морал со фери-брод да помине преку езеро. Тоа бил огромен брод, можеби за 200 луѓе, а Том бил единствениот патник.

„Тоа е тажна глетка. Некогаш завршувам во хостел, каде сум единствениот гостин. Седам во простор за јадење – каде сум единствената личност. Како во некој филм! Никогаш нема да заборавам. На почетокот, луѓето се плашеа, дистанцирани, што е тотално нездраво. Но, сега почнуваат да се поздравуваат, се враќаат во нормала“, раскажува Том.

„Светот е пријатно место, луѓето погрешно го перцепираат“

Преку социјалните медиуми сака да им покаже на следбениците дека може да веруваат на светот. Дека „во 99% од случаите луѓето се добри“. Секако, има и поинакви примери, како тој во Подгорица, каде го пресретнала група од седум души за да го ограби.

„Еден почна да вика. И, сфатив дека сум зае*ан! Почнав да трчам. Ептен сум фит, дури и со ранец од 15 килограми. Брз сум! Но, видете… некогаш тоа е составен дел од патувањето и стравот не е решение. Гледам коментари од типот ‘човеку, пази се во тие и тие земји’. Не! Првиот обид за грабеж ми беше насред Амстердам. Следниот пат се случи во Истанбул. Секаде може да се случи! И, интересно е дека тоа се ‘популарни’ локации, но кога ќе речам дека одам во Иран, одма коментари ‘внимавај, не оди таму, не е сигурно!’. Немате појма што зборувате! Едни од најпријателски настроените луѓе беа таму. Не мора да букирате хотел, веднаш ве канат во домот. Затоа, не треба такво размислување, тоа е контра основата на нашата егзистенција. А, на тој начин не’ претставуваат медиумите. ‘Што се случува низ светот’. Не! Туку покажуваат што тие мислат дека се случува низ светот. Го покажуваат низ призма на она кое можат да се влечат пари“, смета Том.

При ваквото дестигматизирање на генералните перцепции за светот, го споменува и Балканот. Го смета за прилично интересен регион, со богата култура и историја. Војни имало, но имало и во Холандија, кои траеле 80 години со Шпанија, пред стотици години. Но, бидејќи во Балканот се случиле неодамна – луѓето токму тоа го паметат.

„Тоа е она ‘непознатото’ и тоа е надвор од комфор-зоната, па луѓето немаат појма. Според моето искуство, Албанците се пријателски расположени, луѓето во Косово исто така. Исто е и тука. Сега правам интервју со Радио МОФ, синоќа можев да спијам некаде, да шетам наоколу, да ја видам Старата чаршија, да јадам веганска храна, и да си поминам многу кул! Му давам лице на местото. Така што, луѓето гледаат и други работи за Македонија, освен содржините од западните медиуми. Кога тие пишуваат за Македонија? Никогаш, се’ додека не се случи ‘нешто лошо’“, забележува Том, потенцирајќи дека токму затоа луѓето се плашат да патуваат, се плашат од локални жители, нови искуства, што само по себе значи генерално отуѓување.

Фото: Том Боерман

„Ни треба повеќе пешачење и помалку стрес“

Зборуваме и за новата технологија и брзиот капиталистички начин на живот. Потврдува дека е поразително што се менува целата перцепција за мобилност. Односно, многу градови наместо да се дизајнираат со пешачки и зелени зони ослободени од коли, тие му служат на моторизираниот транспорт. Тоа ги прави луѓето мрзеливи, депресивни и затворени.

„Тоа ме зачуди за време патувањето. Тоа е брутална форма на транспорт. Ја менуваме нашата инфраструктура за да најдеме повеќе комфор во животите. Дури имамe седишта со греачи во колите! Но, тоа нема да не’ направи среќни. Да, тешко е да се пешачи низ светот. Но, никогаш не претпоставував дека е до толку тешко. Затоа што ја снемува инфраструктурата за одење. А, тука почнува се’ – кај нашите нозе. Светот се движи пребрзо! Исто така, се движи пребрзо и за нашите глави. Не можеме да ги стигнеме нашите реални животи, бидејќи немаме идеја што е вистински живот. Преокупирани сме со информации, трагаме по лесни и брзи задоволства. Бегаме и од осаменост, без да се впуштиме во отворено искушение. Одма вртиме телефон, пуштаме Нетфликс или Јутјуб. Младите не можат да го поврзат телото и мозокот. Немаат идеја како“, вели тој.

Смета дека владее стрес затоа што луѓето сакаат да поседуваат премногу работи. Преголеми куќи, станови кои воопшто и не им требаат. Тоа, вели тој, е врската меѓу минимализмот и материјализмот. Бидејќи, со повеќе работи – доаѓаат повеќе обврски. А, со повеќе обврски доаѓа повеќе стрес, а со него – прегорување. А, со повеќе прегорување има се’ повеќе депресивни луѓе.

„Светот би бил поубаво место ако нема статус и нема материјализам. Помислете на тоа! Луѓето се преокупирани да го покажат статусот, кои се, пробуваат да се претставуваат себеси преку облека, или преку работата. Кога прашувам што правиш, најчесто ми одговараат: ‘Јас сум доктор’. Не, ти не си доктор! Тоа е твојата професија. Ти не си твојата професија, колку деца имаш, коли, што поседуваш. Не!“, потенцира Том.

„Сакам да правам нешто и за пошироката слика“

Том преку својот сајт собира и донации. Тие му се добредојдени за патот, засега. Пари за храна, чорапи или преноќување. Но, потоа сака да придонесе и за пошироката слика. Да собере доволно следбеници и преку своето пешачење да собира донации за добротворни цели.

„Цело време зборував за работи што сакам да ги правам, но низ годините мислев и на работите што сакам да ги променам. На крајот, единствено значи што земаме и даваме. Повеќето луѓе само земаат, без да дадат. Мора да има баланс. Затоа, од една страна, ќе пешачам низ светот за свое задоволство, но од друга – сакам да бидам хуман. Затоа стартував своја Фондација, а претходно продадов се’. Веќе влегов во ритам, во нов животен стил, кој потоа со следбениците би можел да собирам средства во добротворни цели. Затоа сум активен на Инстаграм. Да покажам во што се состои патувањето. Преку глава само од инфлуенсерство, позирање, стомачни мускули. Сакам реални приказни, чесни, искрени. Да ги инспирирам луѓето да го живеат животот онака како што сакаат“, наведува тој.

Пред да се разделиме, Том гледа во мапата на својот телефон. Се мисли дали да фати накај Крива Паланка. Или да оди преку друг дел од Македонија? До Божиќ сака да стигне до Истанбул, па потоа и до границата со Иран. Таму би завршила евро-азиската одисеја.

„Не го гледам како непрекинато пешачење. Туку еден по друг континент. Различни проекти. А, меѓу нив ќе пробам да се вратам дома. Па, пак пешачење. Немам цел или фиксен план. Јас само го правам она што мислам дека е добро. Тоа се вика слобода“, констатира Том.

Бојан Шашевски