Минатата година загинале 974 мигранти, а 1.372 исчезнале додека се обидувале да го преминат Медитеранот

Најмалку 974 мигранти загинале, а 1.372 исчезнале додека го преминувале Медитеранот од Северна Африка во 2023 година во обид да стигнат до бреговите на Европа, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Либија, пренесува Ал Џазира Балканс.

ИОМ наведе дека 17.025 мигранти биле пресретнати и вратени од страна на либиската крајбрежна стража во текот на изминатата година, од кои – 1.234 биле вратени во неделата од 24 до 30 декември.

За споредба, ИОМ потсетува дека во 2022 година загинале 529 мигранти, додека 848 исчезнале додека го преминувале Медитеранот.

Најмалку 662 мигранти загинале, а 891 исчезнале во текот на 2021 година додека го преминувале Медитеранот, наведува ИОМ.

Либиската крајбрежна стража пресретнала и вратила 24.684 мигранти во 2022 година, односно 32.425 мигранти во 2021 година.

Мигрантите кои се вратени во Либија се испраќаат во притворни центри каде се изложени на насилство, тортура и кршење на човековите права.