ИОМ: Најмалку 5.909 мигранти загинале минатата година

Најмалку 5.909 мигранти загинале во 2022 година во потрага по подобар живот, се наведува во извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), пренесува Ал Џазира Балканс. Во извештајот се додава дека во Медитеранот загинале 2.406 мигранти, а во Америка 1.318 мигранти.

Во Африка се регистрирани околу 1.000 смртни случаи, а во Европа 157. Во Западна Азија загинаа 93 мигранти.

ИОМ соопшти дека како дел од Проектот за исчезнати мигранти во кој се евидентираат мигранти кои загинале на државните граници или во процес на миграција до меѓународна дестинација, од 2014 година е евидентирана смрт на 53.568 лица.

Во овој период, најсмртоносна рута била централниот Медитеран, каде во тој период загинале најмалку 20.419 луѓе. Најчеста причина за смрт е давењето, кое е забележано за 21.156 лица. Инаку, не се пронајдени посмртните останки на 22.919 луѓе кои ги загубија животите за време на миграцијата.