Климатските промени може да предизвикаат масовна внатрешна миграција, вели Светска банка

Климатските промени може да принудат 216 милиони луѓе во шест региони во светот да бараат ново место за живеење во нивните земји, а последиците ќе се почувствуваат и во Источна Европа, се вели во студијата на Светска банка, пренесува „Индекс“.

Долгорочното влијание на климатските промени врз достапноста на вода и продуктивноста во земјоделството и зголемувањето на нивото на морето се посериозно ќе претставуваат закана за здравјето на луѓето и нивната способност да заработат за живот во наредните децении, покажа вториот дел од извештајот Гроундсвел објавен вчера.

Првиот дел беше објавен во 2018 година и ги опфаќаше регионите на субсахарска Африка, Јужна Азија и Латинска Америка, а вториот го прошири опфатот на Источна и Централна Азија и Пацификот, Северна Африка и Источна Европа.

Авторите утврдиле дека „внатрешните миграции поттикнати од климатските промени во следните три децении“ може да ескалираат и најтешко да ги погодат „најсиромашните и најзагрозните подрчја“ и нивниот развој.

Најмасовните внатрешни миграции до 2050 година би требало да ги забележи субсахарска Африка, со прогнозирани околу 86 милиони мигранти, а потоа следуваат Источна Азија и Пацификот со 49 милиони и Јужна Азија со 40 милиони.

Во Источна Европа и Централна Азија, се наведува дека ново место за живот во својата земја би барале пет милиони луѓе.