Одбележан Меѓународниот ден на мигрантите: Луѓето во движење се човечки и социјален капитал

„Луѓето во движење се моќни двигатели за развој и во земјите на нивното потекло и во земјите на дестинација, како работници, студенти, претприемачи, членови на семејството, уметници и многу повеќе. Мигрантите често одржуваат силни врски со нивните матични земји додека ги прифаќаат своите нови заедници, каде што носат богато знаење, искуство и вештини“, посочија од Агенцијата за миграција на ОН (ИОМ) во С. Македонија, по повод 18 декември, Меѓународниот ден на мигрантите. 

Според ИОМ денеска, ова е момент кој ни овозможува да размислуваме и да го славиме придонесот на милиони мигранти ширум светот.

„Миграцијата е едно од решенијата за глобалните предизвици, како што е прилагодувањето на влијанијата на климатските промени или одржливиот развој“, потенцираа од ИАО, кои го одбележуваа денот под слоганот „Секој човек може да направи разлика“.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска посочи дека ова е Ден на размислување и признание за непроценливиот придонес на жените и мажите мигранти, како и на работниците мигранти, за просперитетот на нивните матични земји и нациите што сега ги нарекуваат домови.

Јованка Тренчевска, фото: МТСП

„Од суштинско значење е да се признае дека мнозинството мигранти ширум светот тргнуваат на своите патувања во потрага по можности за вработување и ветување за подобар живот за нивните семејства. Ова ја нагласува поврзаноста помеѓу меѓународната миграција, потрагата по пристојна работа и виталниот пристап до пазарите на трудот“ изјави Тренчевска.

Таа истакна дека опиплив и значаен аспект на придонесот на мигрантите се дознаките што ги испраќаат дома. Тренчевска посочи дека работниците мигранти не претставуваат само финансиски капитал, туку човечки и социјален капитал.

„Транснационалните миграциски заедници играат клучна улога во развојот на нивните матични земји преку патишта како што се трговијата, инвестициите и трансферот на знаење и технологија. Токму оваа година имав чест да присуствувам на Културниот фестивал на Македонците во Измир, Република Турција и од прва рака да посведочам на важноста на заедниците, борбите кои заедно полесно ги водат, но и начините на кои ја зачувуваат нишката на својот народ, традициите и културата“ рече Тренчевска, дополнувајќи дека како министерство секогаш се подготвени да соработуваме со другите засегнати страни и да ги бранат и почитуваат правата на работниците мигранти, промовирајќи ја меѓународната миграција како инструмент за раст и развој во двете земји на потекло и дестинација.

Министерката за животна средина, Каја Шукова, пак, посочи дека климатските промени влијаат на сите нас, во различни размери.

Каја Шукова, фото: МТСП

„Ном онаму каде што влијанијата се веќе секојдневна реалност за заедниците, оценката на ранливоста, креирање и преземање на мерки за адаптација, градењето паметни решенија за отпорност и обезбедување предвидливи ресурси се клучни за зајакнување на отпорноста на луѓето кон климатските промени и избегнување на раселувањето. Од друга страна, мерките за адаптација треба да ја вклучуваат и да ја олеснуваат и безбедната, редовната и уредната миграција за заштита на луѓето, средствата за живот и екосистемите како наша заедничка одговорност“, истакна министерката Шукова, осврнувајќи се на на климатските промени како рапидно растечки двигател на човечката мобилност.

Притоа Шукова потенцираше дека градењето на отпорност на земјата, како и на нејзините граѓани ранливи на влијанијата од климатските промени е заеднички приоритет и креираните климатски политики опфаќаат конкретни инклузивни мерки со кои се поддржуваат процесите на праведна транзиција и се олеснува пристапот до одржливи и предвидливи финансии на сите, посебно на најранливите категории.

Бојан Шашевски