Лусиана Ампева на 12 октомври ќе ја претстави првата самостојна изложба „Без зборови“

„Без зборови“ се вика прва самостојна изложба на Лусиана Ампева, која своите дела ќе ги претстави на 12 октомври (четврток) од 20 часот во Галерија на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

„’Без зборови’ е изложба на деконструктивното пренесување на мислата и чувството кое го покрева таа, и неможноста да се пронајде збор кој ќе ја опише истата. Збир од приказни и моменти, емотивна претстава на длабоката потреба да се пренесе, да се идентификува и визуелно да се дешифрира неизговореното, необјаснетото. Нуркајќи длабоко во себе, истражувајќи го своето интимно, личната свест и потсвест се претвораат во појдовна точка преку која младата авторка го започнува дијалокот со гледачот“, стои во најавата.

Лусиана Ампева родена во 1999 година во Скопје е млада ликовна уметница, сликарка која средно образование има стекнато на Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн ДСУЛУД Лазар Личеноски оддел сликарство.

Во 2022 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како дипломиран сликар со реставрација и конзервација во класата на проф. Жанета Вангели. По дипломирањето Ампева станува и член на ДЛУМ.

Изложбата ќе биде отворена до 20 октомври.