„Гледај, тука сум без простор“ – изложба на уметничката колекција на „Дојче Телеком“ во МСУ

Со наслов „Гледај, тука сум без простор“, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена голема меѓународна изложба со дела од најрепрезентативни уметници од Југоисточна Европа, кои се дел од уметничката колекција со која располага „Дојче Телеком“.

Изложбата ќе биде отворена на 29 септември, среда, со почеток во 20 часот. Од МСУ велат дека целта на оваа поставка е да ги осветли политичките пејзажи, социјалните случувања и да најде точка на кохезија во прикажувањето на политиката и уметноста од овој регион. Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Кураторките објаснуваат дека миграцијата е суштинско искуство на дваесет и првиот век. Оттаму, конфликтите предизвикани од новите војни, транзициските неприлики и исклучувачките политики предизвикуваат поместување на голем број луѓе на маргините од светот.

Па така, претставените дела претставуваат политичка критика на „исклучувањето“, овозможувајќи им видливост и културно признавање на оние, кои се наоѓаат вон доменот на политиките, во и надвор од симболичните простори.

„Делата дозволуваат субверзивни врски, создавање алтернативни системи на ред, револт кон познатите системи и провокација за критичко размислување. Повеќе од кое било друго средство за шпекулирање, овозможуваат да патуваме напред и назад од нашата субјективна реалност, до консензус за посакувана, а можна сегашност. Намерата на изложбата е преку поврзување на естетиката и политиката да предложи нов наратив за регионот и да го редефинира начинот на перцепција на некогашните ситуации во нови прилики, кои поставуваат нов контра-распоред во културата“, велат Гаќина и Попова.

Меѓу современите автори, во колекцијата на Дојче телеком, се дела и од двајца македонски уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска, чии дела ќе бидат вклучени во изложбата на МСУ.

Уметничката колекција на Дојче Телеком е иницирана во 2010 година со намера да колекционира современи дела од уметници од Источна и Југоисточна Европа, кои даваат приказ на состојбите, социјалните и политичките промени по падот на Железната завеса. Овие уметници го искусија процесот на општествениот пресврт и преку сопствената биографија.

Тие се современи сведоци на драматичните големи и многу мали промени што општествата ги доживеале во последните три децении. Колекцијата се состои од дела кои се разновидни во медиумот во кој се работени, почнувајќи од цртеж до дигитални инсталации.

Изложбата ќе биде отворена до 21 ноември 2021 година, а отворањето ќе се одржи според пропишаните актуелни владини мерки во услови на пандемија.