„Сè што ни е заедничко“ – изложба во МСУ

Меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“ ќе се отвори на 18 декември, сабота, во Музејот на современата уметност.

Со почеток во 13часот, на изложбата ќе бидат изложени дела од 11  интернационално признати уметници, односно, Францис Алис (Белгија), Марва Арсаниос (САД), Шерон Хејс (САД), Артур Џафа (САД), Хива К (Ирак), Јонас Стаал (Холандија), Ву Цанг (САД), Дардан Жегрова (Косово), како и македонските уметници Кристина Божурска, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) и Игор Тошевски.

Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова, а дизајнот на визуелното решение е на Неда Фирфова.

Изложбата ги адресира прекаријатните критички, општествено произведени дискурси и нивните манифестации и условите на несигурност во капиталистичкиот локален и глобален контекст. Изложените дела го прикажуваат потенцијалот на уметноста како политика.

„Сè што ни е заедничко се однесува на состојби кои сите ги сведочиме и живееме, а се поврзани со ранливоста и егзистенцијалната небезбедност, економски неправди, политички манупулации, лошо регулирање на работнички права, митот за слободата на говорот, теории на заговор кои шират национализам, експлоатација на трудот, современото расно насилство, борбите на квир движењата, последиците врз психата и телесноста од политичкото „дисциплинирање“ во различни контексти и ситуации, во Македонија, регионот и во светот. Наспроти тоа, изложбата не поттикнува да го доведеме во прашање начинот на кој ја доживуваме нашата актуелна ситуација, да предложи сценарија за некои нови идни сојузи и слободни територии и да нè натера да размислуваме како нашите индивидуални визии, одговорности и обврски можат да бидат социјално споделени и да служат на колективни цели“, изјавуваат кураторките Мира Гаќина и Јованка Попова.

Главната цел на изложбата е да понуди уметничко толкување на радикално левичарските политики и практики кои го опфаќаат концептот на сознание на различноста и солидарноста на локално и глобално ниво, истражено и презентирано преку уметничка акција.

Изложбената поставка која се состои од 13 дела во различни медиуми, инсталации и видео дела ќе биде отворена до 31 март 2022.

Поставката ќе се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.