„Полска школа на колаж“ – изложба на Жмијевски и Алтхамер во МСУ

Изложба на дела од полскиот тандем Артур Жмијевски и Павел Алтхамер денес, 14 јули, ќе биде отворена во Музејот на современата уметност (МСУ), под името „Полска школа на колаж“.

Изложбата ќе биде отворена во 20 и 30 часот, под кураторство на Владимир Јанчевски и ќе трае до 25 август годинава.

Полските уметници изминативе две недели гостуваа во МСУ и создаваа нови дела во една од салите на музејот, а активноста беше насловена „Отворено студио“. Делата создадени во овој процес ќе бидат изложени на вечерашната изложба.

„Станува збор за 30-тина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони“, посочуваат од МСУ, дополнувајќи дека делата ќе бидат подарени на музејот и ќе ја зголемат неговата колекција.

Оттаму додаваат дека со овој гест се реактуелизира донацијата на дела од светски познати автори, истакнувајќи дека улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ е од непроценливо значење.

Од Музејот објаснуваат дека по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Обединетите нации и светскиот конгрес на уметници во Њујорк повикуваат да се донираат дела и да се удрат темелите на новата музејска зграда.

„На распишаниот конкурс, првата награда ја добива познатото архитектонско студио ‘Тигри’ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност го донира овој проект на Скопје, а денес МСУ во својата колекција помеѓу другите значајни дела, располага со над 200 уметнички донации од полски уметници, односно 212 дела од 135 уметници“, истакнуваат од МСУ.

Па така, досегашните донации од полските уметници се од периодот од 1964 до 1990 година, а Жмијевски и Алтхамер ја продолжуваат низата донации со современи дела.

Минатата година Жмијевски за првпат имаше голема самостојна изложба во МСУ – Скопје. Ова претставување следуваше по неговото учество во рамки на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ во 2019 година во музејот.

За Павел Алтхамер ова е прво претставување во Скопје.