„Ретро: телесни ретроспективи“ – изложба на Јана Јакимовска во МСУ

Насловена „Ретро: телесни ретроспективи“, мултимедијалната изложба на уметницата Јана Јакимовска, ќе се отвори денес, на 23 септември во Музејот на современата уметност во Скопје.

Со почеток од 20 часот, посетителите ќе имаат можност да ја посетат 21-та самостојна изложба на Јакимовска, која претставува поглед фрлен наназад кон самата себе како човечко суштество, општествено битие, жена, мајка, уметница.

„Во фокусот на изложбата е телото, но како метафора за човечкото, профаното, нелагодното: телото старее, се дебелее; телото копулира, раѓа; телото крвари, умира; телото треба да се покрие, да се казни. Каде е границата меѓу мене и моето тело? Што е ,јас’, а што телото? Како треба јас и моето тело да се чувствуваме во различни емотивни и општествени контексти? Кому телото му должи, кому му полага одговорност? ,Ретро…’ не претендира да биде ретроспективна изложба бидејќи не е – таа само рециклира и реконтекстуализира некои веќе видени концепти, во обид да одговори на овие прашања“, посочува Јакимовска.

Според кураторот на изложбата, Ана Франговска, на домашната сцена, феминизмот во ликовната уметност може да се проследи низ неколку индивидуални ликовни ангажмани кои пристапуваат кон актуелните проблеми со разновидни методолигии и неологизми.

„Една од најдоследните претставници на оваа струја во македонската современа сцена е секако придонесот на уметницата Јана Јакимовска, која речиси сиот свој визуелен опус од изминати 20 години го посветува кон третирање на разновидни проблеми поврзани со родовата еднаквост и социјалната инклузија на жената во ‘современото’ и ‘демократско’ општество. Една од главните карактеристики на феминистичкиот пристап на Јакимовска е вклучување на сите сетила во чинот на гледање и последователно уривање на границата помеѓу субјектот и објектот“, истакнува Франговска.

Јана Јакимовска е родена 1981 во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Освен со сликање се занимава и со дигитална уметност, мурално сликарство, фотографија, инсталации, графички дизајн, илустрација и перформанс. Голем дел од скорешното творештво ѝ се занимава со прашањата на телото, сепството, сексуалноста, позицијата на жената во современото општество.

Имала 20 самостојни изложби во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово и Штип. Учествувала на преку 80 изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.

Учествувала на 18 ликовни симпозиуми во Грција, Хрватска, Србија и Македонија. Во моментов е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитет Гоце Делчев во Штип.