„Пејзажи на восхитот“ – изложба на Дарко Алексовски во МСУ

Еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автори и дело“ на минатогодишното биенале на млади уметници, Дарко Алексовски, ќе се претстави преку неговата самостојна изложба „Пејсажи на восхитот“ во Музејот на современата уметност (МСУ).

Изложбата ќе биде отворена на 8 април, петок со почеток во 20 часот.

Изложбата која инаку претставува наративен и истражувачки уметнички проект – цртежи и проекција,  ќе биде составена од три засебни целини кои  меѓусебно наративно и формално се надополнуваат.

Зборувајќи за проектот, организаторите објаснуваат дека тој е комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, емоционалните процеси на вљубување и невозвратена љубов, како и постојаниот копнеж по нови неостварени начини на сеќавање.

Изложбата е составена од три сегменти – „Мал прирачник за мечтаење“  – тековна серија која претставува самостојно печатено издание, потоа „Сцени од секојдневниот живот што постојано се одвиткуваат“ – серија дела (цртежи) кои се занимаваат со фрагментираноста и ефемерноста на пејсажите на секојдневието и „Хоризонт што не може да се види, но може да се замисли“ – серија колажи проектирани на аналоген проектор, кои се занимаваат со сеќавања поврзани со хоризонтот, како место кое е крајно недостижно.

Изложбата ја курираат Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

„Во овој циклус од цртежи, авторот создава еден топол и поетско – лирски амбиент, инспирирајќи се од секојдневните теми. Станува збор за внатрешно чувствување и откривање, а тоа визуелно го гради во еден систем на квадрати. Имагинарната игра на реални предмети и секојдневни складни форми, кои со своите взаемни односи и контрасти чинат еден одделен свет во рамките на композицијата на цртежот и целата инсталација“, вели Ива Димовски.

На неа се надоврзува и кураторот Владимир Јанчевски, кој смета дека делата од оваа изложба на Алексовски, отвораат можност за повеќенасочно и подлабоко исчитување на релацијата меѓу имагинацијата на уметникот и стварноста во која таа се реализира.

„Преку употреба на различни медиуми во поставката, која е контестуализирана и адаптирана за конкретниот изложбен простор на МСУ-Скопје, авторот овозможува исчитување и на засебните дела и на целината, кои што се позиционирани на граничните точки на визуелното и наративното, укажувајќи на специфичниот комплементарен однос на сликата и текстот“, вели Јанчевски.

Останатите двајца наградени автори од 13. Меѓународно биенале на млади уметници, Наташа Неделкова и Дритон Селмани, исто така ќе се претстават со самостојни поставки во МСУ – Скопје во текот на оваа година.

Наташа Неделкова ќе има самостојна изложба на 7 мај, а Дритон Селмани ќе се престави со свои дела во месец ноември.