„Се’ што ни е заедничко“ – изложба против системското насилство врз Ромите и другите маргинализирани заедници

Изложбата „Сè што ни е заедничко“ (Sa so si amenge jekhethane/All That We Have in Common) се организира во рамки на 14. Европско номадско биенале за современа уметност – Манифеста и ќе биде отворена во Музејот на современата уметност – Скопје на 8 ноември, а ќе трае се до 20 февруари 2023 година.

Куратори на изложбата се Мустафа Асан, Мо Диенер, Мира Гаќина и Јованка Попова.

Музејот на современата уметност – Скопје e партнерскa институција на една од најзначајните манифестации за современа уметност, 14то по ред Европско биенале – Манифеста. Тоа подразбира дека МСУ е организатор на програмска целина, составена од дискурзивна и изложбена програма во период од 2021 до крајот на 2022 година.

„Музејот на современата уметност е лоциран на простор кој е органски дел на градската целина во која со години живее ромската заедница, која често е предмет на политичко и општествено исклучување, мисинтерпретации, шпекулации и предрасуди. Целта на изложбата е да ја прошири политичката имагинација вон стереотипната претстава за истата и преку споделено знаење од меѓународно познати и домашни уметници кои се дел од истата, да артикулира поинакви начини на себепретставување, да ги централизира и направи видливи нашироко игнорираните и недостапни маргинализираните наративи за Ромите“, стои во најавата.

Изложбата нуди можност преку различни прашања во однос на идентитетските политики со кои се занимаваат уметниците Роми, да се изедначат различни општествено-политички гласови и начини на делување во јавната сфера, давајќи видливост на теми кои се исклучени од доминантниот политички дискурс или се сметаат за неподобни во однос на етнонарцизмот и националните фетиши.

„Оттука, „Се што ни е заедничко“ се однесува на дела кои воведуваат еквивалентност помеѓу различните знаења и здружување во акција и бара соодветно решение преку поврзување на различните видови криза – системско насилство врз Ромите и останатите маргинализирани заедници, кризата на идентитетските политики, родова нееднаквост, мигранската криза и сл. Изложбата се осврнува на дела, кои го прикажуваат потенцијалот на уметноста како заедништво и можните остварливи и позитивни алтернативи за делување на рамниште помеѓу политичкото и интимното“, се вели во најавата.

Уметници чии дела ќе бидат изложени на оваа поставка се: Дилејн Ле Бас (Англија), Ахмет Кадри (Северна Македонија), Сеад Казанџиу (Албанија), Лубош Котлар и Роберт Габрис (Словачка), Рома Џем Сешн Уметнички Колектив – Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петровиќ (Северна Македонија/ Швајцарија/Србија), Нихад Нино Пушија (Босна и Херцеговина/Германија), Андре Јено Рацш (Германија), Емилија Ригова (Словачка), Цеија Стојка (Австрија), Ден Тарнер (Англија), Малгорзата Мирга-Тас (Полска), Дурмиш Ќазим (Северна Македонија).

„Изложбата претставува современи интернационални автори и ги анализира можностите за споделување различни гласови и заедничка грижа во капиталистичкиот локален и глобален контекст. Истовремено отвора можност да се прашаме: „Каков е светот кога е искусен, развиен и живеен од перспектива на разлики?“,„ Што и како претставуваме, на кои гласови им даваме предност пред останатите, што дознаваме за себе си преку спознавање на другиот?“, „Дали концептот за грижа низ различни уметнички стратегии може да ги редефинира границите помеѓу телата, колективните структури, средината и различните политички борби на маргинализираните?“, стои во најавата на изложбата.

Овој проект се спроведува во рамките на Проектот Манифеста 14 Приштина – Западен Балкан и е кофинансиран од Европската Унија и финансиски поддржан од Министерството за култура.

За визуелниот идентитет на постерот се погрижи Јована Плотникова.