„Краток филм за љубовта“ и дискусија на тема: Љубов и смрт

Во понеделник во 19:00 часот во Кино Култура, Контра кадар – Скопје свикува втора средба на градските жедници за дебатно кино.

„Продолжуваме со проекција на „Краток филм за љубовта“ од Кшиштоф Кјешловски, проследена со отворена дискусија на тема „љубов и смрт“.

Томек, 19-годишен службеник во локалната пошта, во осаменост го набљудува со дурбин животот на Магда, жена на околу 30 години која живее во спротивната зграда. Таа е уметница во чијшто стан секоја вечер доаѓаат различни мажи. Се покажува дека во чудните случаи што ја изненадуваат свеста на Магда и го очудуваат нејзиното секојдневие се има вмешано нечија необича волја. Средбата на Томек и Магда открива две различни разбирања на љубовта… или можеби не/

„Краток филм за љубовта“ е малку проширена верзија на шестиот дел од „Декалогот“, серија од десет филмски одговори/интерпретации на старозеветните божји заповеди, magnum opus-от на Кјешловски, во кој неговата авторска соработка со Кшиштоф Пјешевич (косценарист) и Збигњев Прајснер (автор на музиката) го достигнува својот зенит. Филмот совршено ја претставува поетиката и творечкиот светоглед на Кјешловски. Потписот на Кјешловски се препознава во едноставната линеарна нарација, минималистичките кадри, незабележливата надвиснатост на моралните дилеми над секој судир меѓу ликовите.

По проекцијата ќе следува разговор на тема „љубов и смрт“. Во бегло исцртаната тематска рамка на дискусијата ќе отвориме разговор за фаталноста на љубовта, корените и сфаќањата на прељубата и љубомората, пројавите на опсесивност во љубовта, значенските нијанси на „случајностите“ во секојдневието. Како и во вистинската љубов, влезот на Контра кадар – Скопје е бесплатен!“, се вели во најавата за настанот.