Костадиновска-Стојчевска: Со 200 илјади евра ќе се реновираат просториите за Оркестарот за џез

Министерството за култура со проект вреден 11,7 милиони денари ќе ги реновира подрумските простории на Националната опера и балет кои ќе бидат наменети за новата Национална установа Оркестарот за џез музика, соопшти министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Просторот е со површина од 475 метри квадратни и со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простори. Проектот предвидува и простории за машинска опрема и електрични инсталации. Проценетата вредност на реновирањето е околу 200.000 евра или 11,7 милиони денари“, рече Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција.

Владата ја донесе одлуката за формирање на Национален џез оркестар на Република Северна Македонија во март оваа година и реши да го смести во филхармониската зграда.

Вработените тогаш изразија незадоволство и загриженост дека тоа нема да функционира. Потоа од април до јуни филхармоничарите одржаа неколку протести пред Министерството за култура, по што министерката за култура информираше дека Оркестарот за џез ќе биде сместен во нов простор, односно во подрумските простории на НОБ кои се во трајно користење на Министерството за култура.

Средствата за реновирање се обезбедени во партнерство Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Костадиновска-Стојчевска: НУ Џез оркестар добива посебен простор