ИДСЦС: Институциите не успеале да ги контролираат пропустите во случајот „Бехтел и Енка“

Институциите, кои што треба да го чуваат својот процедурален пат на носење на одлуки од почетокот до крај, не успеале да контролираат односно да спречат закони за чие носење има процедурални пропусти да не се разгледуваат, или да се вратат или биде активирано вето, истакна Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), на денешниот настан на кој се дискутираше за пропустите во случајот „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д.

На настанот се презентираа наодите од анализата која се фокусира на системските пропусти во постапката за избор на компанија за надзор врз изградбата на автопатиштата, како и за склучување на договорот помеѓу Владата и конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатиштата.

„Случајот со носењето на Законот за коридорите 8 и 10д покажува како четири контролни точки во процесот последователно не успеваат да обезбедат интегритет при носење на одлуките. Приватниот интерес на конзорциумот влегува непречено во процесот на носење одлуки во Владата, каде што се занемаруваат и закони и деловник за работа. Собранието не ја остварува својата контролна и консултативна улога, туку занемарувајќи го сопствениот деловник за работа овозможува суштествени пропусти при носењето на дискутираните закони. Последната точка, на патот на една идеја до влегување на закон во сила, Претседателот ги занемарува сите претходно акумулирани пропусти и не ја користи својата улога на контратежа во процесот на носење одлуки“, стои во анализата.

„Очекувано е дека намалувањето на ризикот кај корумпираните актери е токму во експлоатацијата на процедуралните слабости и креирање на специјални закони или измена на закони кои што даваат определена привилегија и со тоа се избегнува потенцијална кривична одговорност во иднина. Тоа ни укажува на потребата од поголем притисок за употреба на заштитните механизми кои што се добро напишани, но имаме проблем во нивна имплементација. Истовремено веројатно во иднина ќе треба да се провери на кој начин судската власт може да биде вклучена во заштита на креирањето на одлуките“, вели Поповиќ.

Своја рефлексија на случајот дадоа и Фросина Димеска, новинарка во Призма и Александар Димитриевски, новинар во 360 Степени чии редакции го следеа и известуваа длабински за овој случај.

Димеска потенцираше дека истражувањата на Призма покажуваат дека државните институции направиле неколку пропусти.

„Нашето истражување покажа дека надлежните, односно државните институции, не прават никакви длабински и посериозни проверки на оние кои што конкурираат на тендерите дури и кога даваат големи пари од државниот буџет, но и се задолжуваат со кредити. Исто така покажува и дека надлежните имаат ненаучена лекција од претходното искуство со досегашните проекти, како оној со градењето на автопатот Кичево-Охрид, за кој што се земаа кинески кредити. И тоа е автопат кој што беше договорен со специјален закон, а е автопат за кој што многу пати до сега беше пробиен рокот за изградба, беше неколкукратно зголемена почетна сума, а отворен е и судски случај“, додаде Димеска.

Една од мисиите на новинарство е да биде куче чувар на јавниот интерес и тоа не мислам само на политичките одлуки туку и за трошењето на јавните средства, смета Димитриевски.

„Нашиот главен порив беше да се држи една тензија и да внимаваме на секој чекор како ќе се трошат државните пари. Во целиот случај имаме прескокнување низа законски и подзаконски решенија за да се форсира да се гради овој проект“, додаде Димитриевски.

Анализата е достапна на следниов ЛИНК.