Владата не се откажува од Законот за дивоградби, но ќе отфрли легализација во заштитени подрачја

На својата седница, Владата информира дека отворила дебата за утврдување насоки во врска со Предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби, кој е вратен во Собранието по одлуката на Претседателот Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на Законот.

Како што соопштуваат, во широката и темелна дебата било истакнато дека „согласно законските процедури за вакви ситуации, Владата ќе поттикне јавна расправа со засегнатите страни, како и консултации со пратеничките групи во Собранието и со претседателите на Парламентот и државата за да се дојде до најдобро законско решение“.

„Во таа насока ќе бидат отворени за доработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните“, стои во соопштението од Владата.

Откако Пендаровски не го потпиша Указот, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, кажа дека забелешките на претседателот ќе бидат разгледани, но и дека „не можат како влада да остават 50.000 граѓани без кров над глава“.

„Сите забелешки во секој еден поглед треба да бидат земени во предвид при носењето на новите одлуки и законски решенија но треба да имаме во предвид дека не смееме како влада 50.000 граѓани да  оставиме без кров над глава, ние мора да носиме одлуки и решенија на проблемите кои што се генерациски“, рече Николовски.

Законот што го гласаа пратениците од власта и опозицијата досега донесе лавина од реакции во јавноста, реагираа разни организации и здруженија на граѓани, а Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ) вчера повторно нагласи дека се против негово носење.

Оттаму велат дека овој закон ги поништува важечките прописи за урбанистичко планирање кои се грижат за квалитетот на изградениот простор и според нив, дава погрешен сигнал дека бесправното градење нема да се казнува.

„Законот е во колизија со важечките закони за урбанистичко планирање и законот за градење бидејќи истиот ја негира нивната суштина која се однесува на процедурите за стратегиско планирање и организирање на изградената средина и управување и заштита на природните ресурси. Дополнително, со ваквите законски решенија се поништуваат сите стручни процедури од план до градба, нешто кое треба да ги гарантира правниот, но и безбедниот статус на секоја градба, при што никако не смее да се елиминира аспектот на зачувување ниту на приватниот, ниту на јавниот интерес“, се вели меѓу другото во реакцијата на ААМ.

Асоцијацијата на архитекти е против повторно носење на Законот за дивоградби

Б.Ш.