„Тажно е што надлежните сакајќи да решат еден проблем произведуваат друг“, реагираат од Филхармонија за новиот Оркестар за џез

„Иако ја поздравуваме одлуката на Владата за формирање на НУ Оркестар за џез музика бидејќи сметаме дека истата ќе придонесе за развој на културниот живот во државата, решението оваа новоформирана институција да биде сместена во објектот на Филхармонијата е целосно несоодветно и истото ќе направи повеќе штета отколку полза“, стои во денешната реакција од вработените во НУ Македонска Филхармонија.

На иницијатива на Здружението на џез музичари на Македонија, Владата минатата недела донесе одлука за формирање на Национален џез оркестар. Министерството за култура по седницата соопшти дека Националната установа просторно ќе се смести во објектот на НУ Национална Филхармонија, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на НУ Национална опера и балет.

Вработените во Филхармонија изразуваат загриженост за ваквата одлука бидејќи како што велат, во објектот на филхармонијата, не е возможно паралелно да работат две институции, односно два различни субјекти.

„Концертната сала и целиот објект каде што ние твориме, е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија. Ова се однесува пред се на оркестарот на Македонска филхармонија чии членови/вработени ги извршуваат своите работни задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата сцена) кои се наоѓаат во објектот. Исто така, музичарите вработени во филхармонијата голем дел од работните часови ги поминуваат и во индивидуална и групна работа во одделните соби во објектот наменети за оваа цел. Имено, во објектот има точен број на соби за вежбање, кои се направени со прецизни акустички мерења за секоја група на инструменти одделно. (На пр. во собата за контрабаси, волуменот, квадратурата и акустиката е соодветна исклучиво за оваа група, не би можеле и не е соодветно оваа група на инструменти да ја сместите во собата за флејти, која што пак е направена специфично за оваа група, според потребата на групата, бројот на членови, и изработена со различна квадратура, акустика и волумен) и така за секоја група поединечно. Покрај собите за вежбање, имаме и 4 гардероби (2 женски и 2 машки) чиј просторен капацитет е целосно исполнет согласно бројот на вработени во оркестарот“, се вели во реакцијата.

Оттаму додаваат дека во моментов е потпишана петиција од 108 вработени кои се против оваа одлука.

„Крајно сме загрижени дека буквалното ‘втурнување’ на уште еден оркестар, за кој сме среќни што постои и секогаш сме ја поддржувале нивната работа, сепак, ќе значи загрозување на интегритетот на македонската филхармонија од аспект на секојдневно функционирање на двата субјекти“, сметаат вработените.

Во дописот до медиумите се нагласува дека тие ја поддржуваат одлуката и дека не се против нивните колеги, туку против тоа ново-формираната институција да биде сместена во објектот на Филхармонија.

„Сите знаеме за историјата на некогашниот џез оркестар во Македонската Телевизија кој за жал беше укинат. Во истата куќа сеуште постојат студијата кои се најсоодветни за еден ваков оркестар, кој ќе може да работи непречено и да си ги подготвува своите проекти. Веројатно би било и убаво да се возобнови традицијата на џез односно ревискиот оркестар кој постоеше и работеше во рамките на МТВ, повторно да се врати сјајот на студиото каде што некогаш твореа Шпато, Џамбазов, Пејовски…и многу други. Тажно е што надлежните институции сакајќи да решат еден проблем произведуваат друг проблем од невидени размери кој може да остави долготрајни несакани последици“, пишува во соопштението.

Од таму информираат дека и дописот и петицијата се веќе испратени до претседателот на Владата и до Министерството за култура.