Филхармонискиот новогодишен концерт ќе се одржи во четврток

Оркестарот на Филхармонија на Република Северна Македонија традиционалниот новогодишен гала концерт ќе го одржи овој четврток (22 декември) под диригентство на Миријан Кукунаишвили кој доаѓа од Грузија.

Годинешниот назив за концертот е „Исток“, а во него ако солисти ќе настапат сопранистката Милена Арсовска и баритонот Иван Наумовски.

„На програмата се дела кои имаат типично ‘новогодишен’ концепт, а валцерот како музичка форма ќе биде составен дел од овој концерт. Публиката ќе има моженост да чуе дела од Штраус, Чајковски, Лехар, Лумбије, но и посовремени музички толкувања на темата валцер како ‘Валцерот на Амелија’ на Јан Тирсен од филмот ‘Чудесната судбина на Амели Пулен’, ‘Маскарада валс’ на Арам Хачатуријан, ‘Валцер за збогување’ на Алфред Шнитке и други“, информираат од филхармонија. 

Откако дипломирал на Државниот конзерваториум во Тбилиси, маестро Миријан Кукунаишвили ги завршил и магистерските студии по оркестарско диригирање на Академијата за музика во Краков, Полска, каде што моментно е на докторски студии. Добитник на голем број престижни стипендии во Грузија. Активен е како диригент и со Државната опера и балет на Грузија, Националната филхармонија, Државниот симфониски оркестар на Тбилиси, Грузискиот државен камерен оркестар „Синфониета“, оркестарот на Академијата „Бетовен“ во Полска, Грузискиот национален хор.

Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломирала соло- пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. Добитничка е на бројни награди и признанија. Нејзиниот репертоар ги вклучува и улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“ и Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“, Церлина во „Дон Џовани. Нејзините снимени изданија ја вклучуваат живата снимка на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена.

Македонскиот бас баритон м-р Иван Наумовски своите дипломски студии по вокално пеење ги завршил на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје. Три години подоцна магистрира со највисоки почести Auszeichnung во одделот Musiktheater на државниот Универзитет во Грац. Во 2021 година магистрира во областа Lied und Oratorio на државниот Универзитет во Виена (MDW) во класата на проф. Карлхајнц Ханзер, проф. Габриеле Фонтана и Проф. Ангелика Кирхшлагер, и се здобива со уште една титула Master of Arts во областа на уметничката песна и ораториумот. Со соло рецитали и концерти тој редовно настапува на македонските фестивали „Охридско лето”, „Скопско лето“, „ДММ“, „Интерфест“, „Mајски оперски вечери“ и „Есенски музички свечености“. Во универзитетските продукции во Грац настапува со соло улога во оперите „Дон Џовани“, „Вива ла мама“ и „Волшебната флејта“. Покрај Грац, тој настапува на многу други концерти ширум градовите во Австрија (Вергл, Виена, Грац, Велс, Вајц, Инсбрук, Швајгерс, Ахенкирх и др.). Добитник е на повеќе стипендии. Во 2015 година му е врачена престижната македонска награда “Виртуози” доделена од СОКОМ за најдобар млад уметник во Македонија. Од октомври 2022  година Наумовски работи како доцент на ФМУ по соло пеење.