„Манфред“ со виртуозната Сајака Шоџи во Филхармонија

Овој четврток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Манфред“ на кој како солистика ќе настапи јапонската виолинистка Сајака Шоџи, лауреатка на престижниот виолински натпревар „Паганини“. Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 77 од Јоханес Брамс и Шестата симфонија од Л.В.Бетовен.

Подемот на Сајака Шоџи започнува во 1999 година, откако ја добива првата награда на еден од најважните виолински натпревари – „Паганини“ во Џенова, Италија. Веднаш потоа започнува нејзината плодна соработка со некои од водечките светски диригенти – Зубин Мехта, Лорин Мазел, Семјон Бичков, Јури Темирканов и многу други. Зубин Мехта е еден од најголемите поддржувачи на оваа јапонска виолинистка. Кога во 2000 година ја слушнал како свири на една аудиција, тој веднаш го променил својот распоред на концерти, со цел да ѝ овозможи на Шоџи да ја направи својата прва аудиоснимка со Израелскиот симфониски оркестар, а истовремено ја повикува и да настапи со Државниот оркестар на Баварија и Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, покана која Шоџи без размислување ја прифаќа. Нејзината уметничка уникатност и разновидниот обемен репертоар ја носи и пред други реномирани оркестри денес – Лондонскиот симфониски оркестар, Берлинската филхармонија, Њујоршката филхармонија, Оркестарот на Националната академија на Санта Чечилија, Чешката филхармонија… Покрај тоа, Сајака Шоџи редовно одржува и рецитали, но и камерни концерти заедно со Вадим Репин, Ланг Ланг, Итамар Голан, Јефим Бронфман и Стивен Исерлис. Во меѓувреме наоѓа и простор за учество во повеќе фестивали во Европа и во Јапонија. Настрана од големиот број концертни активности, Шоџи во 2007 година го претставува експерименталниот визуелно-музички проект „Синтезија“, ликовни уметнички дела и видеодела. Љубовта кон визуелната уметност на оваа виолинистка доаѓа директно од нејзиното семејство, односно од нејзината мајка, која била позната сликарка во Италија. „Мајка ми беше уметник и јас отсекогаш сум била заинтересирана за визуелната уметност и нејзината релација со музиката – секако, почнувајќи од операта, бидејќи растев во Италија. На 17-годишна возраст забележав дека кога и да свирам или да слушам музика, јас си создавам слики во мојата глава. Така почнав да се интересирам на темата на синестезијата, состојба во која едно сетило се перципира како друго сетило – во мојот случај, јас ги препознавам звуците преку видот“, вели Шоџи. За тоа како е прифатен овој проект од публиката, таа вели: „Ова искуство е сосема ново за слушателите и секогаш им треба малку дообјаснување. Тие на почеток воопшто не помислуваат дека сликите се направени од моја страна, затоа што тоа досега изведувачите не го правеле“.

Соработката со познатата германска издавачка куќа Deutsche Grammophon резултира со 11 звучни записи. На нив може да се најдат некои од најзначајните виолински концерти од Прокофјев, Сибелиус и Бетовен, снимени со Филхармонискиот оркестар на Санкт Петерсбург, под диригентската палка на Јури Темирканов. Значаен е и аудиозаписот со сите Бетовенови сонати, направен заедно со пијанистот Џанлука Качиоли. Сајака Шоџи е добитник на Mainichi Art Award во 2016 година, која е една од најпрестижните јапонски награди, а се доделува на оние кои оствариле значајни достигнувања на полето на уметноста. Во 2012 година пак, издавачката куќа Nikkei Business Publications ја вбројува во листата на „Идните 100 највлијателни луѓе за Јапонија“.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата музичка репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними це-де со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала – фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на првата награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг симфонискиот оркестар (2016). Забележлив е и како оперски диригент и во 2011 година е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Својата репутација како диригент на опери ќе ја зацврсти со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба која ќе добие високопозитивни критики. Во 2015 година, Бебешелеа работел со едни од двајцата најценети диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк. Во 2011 година, ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде, на Музичката академија во Клуж-Напока. Две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

Германскиот композитор и виртуоз на пијано Јоханес Брамс (1833 – 1897) e еден од најзначајните претставници на доцниот романтизам. Неговата музика често се изведува на светските концертни подиуми, а едно од најомилените дела и на публиката и на солистите е токму Концертот за виолина во Де-дур, кое го напишал во 1878 година. Брамс му го посветил овој концерт на својот пријател, виолинистот Јозеф Јоаким. Кога го напишал, Брамс бил на почетокот од својата композиторска кариера, а Јозеф веќе бил славна личност, виртуоз на виолината. За Брамс рекол дека е „чист како дијамант“ и „мек како снег“ и на некој начин, со својата маестрална изведба на Концертот за виолина, му помогнал да стане популарен.

Шестата симфонија на германскиот музички гениј Лудвиг ван Бетовен која има програмски поднаслов„Пасторална“ се смета за едно од најзначајните остварувања во историјата на симфонизмот. Првпат била изведена во Виена во 1808 година. Композиторот бил инспириран од природата, како што сугерира и самиот наслов, иако за творечкиот опус на Бетовен тоа е вистински раритет, бидејќи неговите капитални дела изобилуваат со тешка, тегобна драматургија, во која се вткаени длабоки мисли и чувства за животот и неговата болка.