Земјава добива Национален оркестар за џез музика, се оствари иницијативата на ЗЏМ

На вчерашната седница на Владата се донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје.

Националниот оркестар ќе делува преку подготвување и јавно изведување на високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови кои гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век.

Од Министерството за култура известуваат дека Националната установа просторно ќе се смести во објектот на НУ Национална Филхармонија, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на НУ Национална опера и балет.

„Со оглед на празнината што државата ја има со непостоење на ревиски оркестар, оваа установа ќе се грижи за подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации кои ја негуваат истата дејност“, додаваат оттаму.

Од Министерството истакнуваат дека преку установата ќе се негува талентот за џез музичарите кои работат и кои се школуваат во земјава, преку овозможување на  траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела и да ја афирмираат џез културата, како и да ја популаризираат македонската џез музика.

„Новата национална музичка институција се формира на иницијатица на Здружението на џез музичари и слободни уметници, кое со својот биг бенд во изминативе години постигна голем успех во земјата, во регионот и во Европа и со своите концерти пополни огромна празнина во овој дел на музичката култура“, соопштуваат од Министерството за култура.

Оттаму посочуваат дека Оркестарот на Здружението на џез музичари и слободни уметници веќе се има докажано како врвен ансамбл кој е на ниво на светските стандарди, па како Национална установа ќе продолжи во насока на ширење на концертната дејност, организирање работилници и други музички изведби со кои ќе настапува дома и во странство.