Костадиновска-Стојчевска: НУ Џез оркестар добива посебен простор

„Новоформираната Национална установа Џез оркестар, со одлука на Владата, ќе има нова, трајна адреса – во зграда бр.1, влез 1, на бул.„Гоце Делчев“ бр.4, на Катастарска парцела бр. 9505/1, Катастарска општина Центар 1, со Имотен лист бр. 40986“, информираше министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска на денешната прес-конференција.

Станува збор за простор од 475 метри квадратни со трајно користење на Министерство за култура и кој е дел од вкупниот простор од 1448 м2 под Националната опера и балет. Министерката посочи дека објектот ќе биде соодветно реновиран, а за тоа веќе има проект и обезбедени средства.

Костадиновска-Стојчевска соопшти дека се работи за државен имот, па затоа било потребно време за комплетирање на документацијата, да се запазат сите законски постапки и да се изготви проект за реконструкција и адаптација на просторот.

„Јас моето ветување кон јавноста, а пред сè кон вработените во Филхармонија, го исполнив и со оглед на обемноста на документацијата и запазувањето на сите неопходни процедури, ова ветување го одржав во реално најкус можен временски период. Ветив и ветувањето го исполнив. Сега, чесен епилог на сево ова е – извинувања кон јавноста и публиката од директорката и Управниот одбор кои свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини“, рече министерката.

Таа ги повика вработените во Филхармонија да ги запрат протестите и да се вратат во нормалниот ритам на работа и како што рече да останат на зборот, дека нивните колеги од Џез оркестарот ќе можат да ги одржат своите генерални проби и концерти во зградата на Филхармонија.

Владата ја донесе одлуката за формирање на Национален џез оркестар во март оваа година и реши да го смести во филхармониската зграда. Вработените тогаш изразија незадоволство и загриженост дека тоа нема да функционира.

„Иако ја поздравуваме одлуката на Владата за формирање на НУ Оркестар за џез музика бидејќи сметаме дека истата ќе придонесе за развој на културниот живот во државата, решението оваа новоформирана институција да биде сместена во објектот на Филхармонијата е целосно несоодветно и истото ќе направи повеќе штета отколку полза“, соопштија од синдикалната организација на Филхармонија.

По изјавата на вработените во Филхрамонија со соопштение излезе и Здружението на џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ), Оттаму рекоа дека идејата Оркестарот да е сместен во просториите на Филхармонија е природна земајќи предвид дека сите претходни проби и концерти биле одржувани таму.

„Уште еднаш сакаме да потенцираме дека со нашата работа нема да се наруши комодитетот на било кој од вработените во Филхармонија. Најважно од сè е, тоа што ние сè уште не добивме ниту еден релевантен аргумент дека нашето евентуално работење во зградата ќе го попречи работењето на оркестарот на Филхармонија“, беше ставот на ЗЏМ.

По ова, на 27 април филхармоничарите го одржаа првиот протест пред Министерството за култура, а оттогаш направија неколку протести пред Владата, од кои последниот беше во петокот (16 јуни).

Вработените во Филхармонија и денес на протест, бараат Владата да ја смени одлуката за делење на објектот со Џез оркестарот