ЗЏМ: Да не се избрзува со предвремени реакции пред конечно да се утврди како ќе функционира Оркестарот за џез

Здружението на џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ) смета дека се неоправдани и неприфатливи ставовите на Управниот одбор и вработените во Филхармонија во врска со тоа новоформираниот Оркестар за џез музика да биде сместен во објектот на оваа институција.

„Разбирлив е отпорот кон промени, но не можеме да ги оправдаме ниту прифатиме како основани изнесените ставови од страна на нашите колеги. Имено, би сакале да ги потсетиме нашите колеги за нашите заеднички реализирани проекти и потврдената квалитетна соработка во текот на овие 7 години работење на ЗЏМ Биг Бендот. Ова е период во кој Биг бендот успеа да реализира огромен број концерти во преполни сали за кои се бараше билет плус, на кои како гости учествуваа значајни имиња од земјава и регионот и чиј квалитет беше препознаен од целата македонска јавност, а дел од тие концерти беа реализирани во соработка токму со нашите колеги од Филхармонија“, соопштуваат од ЗЏМ.

Од Здружението велат дека по одлуката на Министерството за култура и Владата за основање на национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје, добиле позитивни реакции од целокупната македонска јавност и честитки од колегите во регионот.

„Токму затоа, бевме особено изненадени и затекнати од изнесениот став од страна на нашите колеги од Филхармонија околу заземениот став по одлуката на владата според која просторно ‘оркестарот се планира да биде сместен во објектот на НУ Национална филхармонија, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на НУ Национална опера и балет’, стои во дописот до медиумите.

Оттаму се со став дека идејата за Националниот џез оркестар да има седиште во Филхармонија произлегла природно земајќи предвид дека голем дел од концертите и пробите, како што велат, се одржувале токму во тие простории.

„Ако земеме во предвид дека станува збор за две институции кои функционираат на исто поле – музика, уметност, култура, наше мислење е дека овие институции треба синергично да соработуваат, заедно давајќи придонес во создавањето културни вредности“, децидни се претставниците на џез оркестарот.

Во реакцијата се додава дека е од заеднички интерес на двете институции да се делува колегијално, смирено и сплотено со цел да се придонесе за формирање уште една културна установа која ќе промовира вистински вредности и висок квалитет.

„Да не го занемариме и фактот дека последниве дваесетина години се продуцираше исклучително квалитетен кадар од областа на џез музиката, таленти чиј квалитет и работа се неспорни, земајќи го во предвид школувањето на најдобрите европски и светски џез академии, како и џез академиите во Скопје и Штип. Покрај образованието, нивната работа е забележана и потврдена во земјава, но и надвор од неа; тоа е кадар чие место на професионално функционирање, но и обезбедување животна егзистенција, е токму во еден ваков оркестар. Да не дозволиме да го изгубиме овој кадар, туку заедно да придонесеме во создавањето нови приказни на квалитетна музичка соработка“, велат од ЗЏМ.

Тие апелираат да не се избрзува со, како што велат, предвремени реакции пред конечното утврдување за тоа како ќе функционира новата институција.

„Министерството за култура, Филхармонија и ние како претставници на Џез оркестарот, заеднички и објективно да ја процениме целата ситуација, да се утврдат условите под кои нашата институција ќе може најдобро да функционира, и да се дојде до решение кое ќе биде во најдобар интерес за двете институции“, се додава во реакцијата.